Папа Франциско: “Благословување на хомосексуалните врски не е исто што и признавање“

Папата Франциско денес застана во одбрана на неговото одобрување за хомосексуалните партнерства да бидат благословени, но јасно стави до знаење дека потегот не значи признавање на хомосексуалните бракови.

Неговата одлука предизвика жестока дебата во Католичката црква, при што многу традиционалисти ја гледаат хомосексуалноста како грев, потсетува dpa.

Кога двојка доаѓа спонтано да побара благослов, не е благословена заедницата, туку едноставно луѓето кои го побарале тоа заедно“, порача папата за време на денешната аудиенција во Ватикан.

Кон крајот на минатата година, понтифот ги овласти католичките свештеници да го дадат својот благослов на „двојки во неправилни ситуации и истополови двојки“ под строги услови.

Пред само неколку недели, Дикастеријата за доктрина на верата во Ватикан се почувствува принудена да ги разјасни точните прописи по големите критики, особено од традиционалистите во Африка.

Најстариот оддел на Римската курија нагласи дека таквите благослови на никој начин не треба да се поистоветуваат со црковен благослов за брак меѓу маж и жена.

Според Дикастеријата, локалните цркви имаат простор за маневрирање за тоа како се применуваат упатствата.