Папа Франциск: Американските католички конзервативци се заробени во самоубиствен став

 Папата Франциск во интервју за американската Си-Би-Ес, што ќе се емитува в недела, кажа дека неговите конзервативни критичари во Римокатоличката црква во САД се заробени во „самоубиствен став“, пишуваат британските медиуми.

За време на интервјуто во емисијата „ 60 минути“, а кое било водено на 24 април,  папата Франциск беше запрашан што мисли за нападите врз неговиот понтификат кои доаѓаат од десничарските свештенички редови во САД, на што тој одговори дека конзервативец е некој што „ цврсто се држи за нешто и не сака да види подалеку од тоа“.

„Тоа е самоубиствен став. Едно е да се земе предвид традицијата, да се анализираат ситуации од минатото, но сосема друго е да се затвора во догматска кутија“, рече папата.

Папата Франциск уште од неговото устоличување во 2013 година е во судар со конзервативното крило на Црквата, без разлика дали станува збор за приближување на Црквата до ЛГБТ заедницата или давањето поважни црковни улоги на мирјаните.

Минатата година Франциск смени американски конзервативен бискуп, кој дотогаш беше негов жесток критичар, а потоа оцени дека конзервативното крило во американската црква е „реактивно“.

Исто така, на друг американски конзервативен кардинал му одзеде некои привилегии во Ватикан.