Грчкиот Парламент вчера гласаше да ја спречи екстремната десница Национална партија – Грци да учествува на општите избори на 21 мај.
Владејачката централно-десничарска партија Нова демократија и централно-левичарскaта опозициска партија ПАСОК гласаа „за“, додека главната опозициска партија СИРИЗА беше воздржана, соопшти државната новинска агенција АМНА.
Говорејќи во Парламентот, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, ја обвини Владата за институционален аматеризам.
„На крајот, успевате да станете најдобар спонзор на партијата Касидијарис (Национална партија – Грци). Им давате аргументи на тие што поднесуваат комбинација на жалби за поништување на изборите до Изборниот суд и до Врховниот суд за човекови права. Замислете каков поттик ќе се даде на екстремната десница доколку се појави одлука што ги оправдува“, рече тој, пренесе ТРТ Балкан.
Тој се осврна на Илијас Касидијарис, водечки член на сега веќе непостоечката партија Златна зора, кој отслужува затворска казна за различни прекршоци, но сепак успеа да ја формира Национална партија – Грци.
Говорејќи во име на Владата, министерот за внатрешни работи Макис Воридис ја обвини СИРИЗА дека замижува пред фашизмот.
„Ќе бидете разоткриени ако не ни се придружите да го усвоиме законот“, рече тој.
Популистичко-националистичката партија Грчко решение и поранешниот министер за финансии на левичарската партија МеРА25, Јанис Варуфакис, гласаа против предлогот.
Исто така, противејќи се на предлогот, Грчката комунистичка партија (ККЕ) тврди дека новиот нацрт-закон ризикува да отвори прозорец за исклучување на другите политички партии од изборите во иднина.
Национална партија – Грци е основана пред две години од Касидијарис, поранешен пратеник кој отслужува 13-годишна затворска казна за членство во неонацистичката партија Златна зора.
Минатата недела грчките медиуми објавија дека учеството на Националната партија – Грци би можело да го промени исходот од парламентарните избори на 21 мај, бидејќи маргините на анкетите се стеснуваат меѓу водечката актуелна партија Нова демократија и СИРИЗА.