Парламентот на Молдавија усвои декларација за осуда на руската војна во Украина

– Парламентот на Молдавија усвои декларација со која се осудува руската „неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна“ во Украина.

Документот беше одобрен со гласовите на пратениците од владејачката проевропска Партија за акција и солидарност, додека проруската фракција Шор ја бојкотираше седницата. Блокот на комунисти и социјалисти предложи да се подготви заедничка декларација, но откако беа одбиени, и тие ја напуштија седницата.

„Парламентот на Република Молдавија признава дека Руската Федерација од февруари 2014 година води незаконска, неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна против Украина, која на 24 февруари 2022 година се претвори во целосна инвазија на украинска територија“, се наведува во текстот на документот, кој го прочита пратеникот Оазу Нантои.

Документот ја повторува поддршката за независноста и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Пратениците наведуваат дека анектирањето кон Русија на регионите Запорожје и Херсон, како и таканаречените ДНР и ЛНР, е незаконско. Молдавија ја потврдува својата подготвеност да продолжи да обезбедува хуманитарна и друга помош за бегалците од Украина и да го олесни транзитот на стоки во земјата. Покрај тоа, молдавските пратеници ја изразија својата поддршка за планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за решавање на конфликтот.

Пратениците од Блокот на комунисти и социјалисти ја обвинија владејачката партија за мешање во конфликтот, кршење на неутралноста и служење на интересите на западните земји.

– Оваа декларација е подготвена од манипулатори во Букурешт. Со ваквите изјави Молдавија е вклучена во вооружен конфликт, коментира Владимир Воронин, пратеник и поранешен претседател на Молдавија.