Парламентот на Република Српска со закон го забрани објавувањето одлуки на Шмит

– Парламентот на Република Српска денеска усвои закон со кој се забранува објавување на одлуките на високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит во Службен весник на ентитетот, со што се интензивира конфликтот со меѓународната заедница и политичката криза.

На иницијатива на претседателот на РС, Милорад Додик, партиите кои го сочинуваат владејачкото мнозинство во ентитетскиот парламент предложија, а нивните претставници гласаа за закон со кој се забранува објавување на одлуките на Шмит со цел да се користи како изговор за да не се спроведат тие обврзувачки одлуки.

Предлог-законот го образложи претседателот на парламентот, Ненад Стевандиќ, кој ги посочи Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) и Уставниот суд на Босна и Херцеговина како главни генератори на кризата.

Во РС одбиваат да го признаат Шмит за легитимен висок претставник со образложение дека тој не добил одобрение од СБ на ОН да ја преземе таа функција, а тоа се случи поради блокадата од Русија и Кина.

„Со оглед на тоа што законитоста на Кристијан Шмит е доведена во прашање бидејќи тој не е признат од Советот за безбедност на ОН и затоа што е нелегален, сосема е нормално РС да избрише во својот закон неговите одлуки да бидат објавени во Службен весник“, рече Стевандиќ, најавувајќи „долга борба“ со ОХР со неприфаќање на одлуките на високиот претставник.

Претставниците на опозицијата го осудија владејачкото мнозинство за манипулации, тврдејќи дека сето ова е само уште едно шоу за јавноста без никаков реален ефект, како и бројните претходни заклучоци на парламентот на РС за прогласување на независноста на тој ентитет.