Пасошката голгота продолжува, падна системот за онлајн закажување

Телефонските линии недостапни, сајтот за електронско закажување паднат. Граѓаните кои се уште немаат закажано термин за вадење лични документи со „Северна“ не можат ниту да воспостават телефонска линија ниту пак да влезат на сајтот на МВР за електронски да закажат.

Голготата и хаосот продолжува. Министерот за внатрешни работи вели дека се дава максимум, но нема конкретен одговор кога ќе профункционира сајтот на МВР, ниту пак кога граѓаните ќе почнат да добиваат СМС пораки за подигнување на готовите пасоши, што требаше да профункционира од денеска, за да се намалат гужвите пред шалтерите.

За недостигот од обрасци пак вели дека заклучно со 18-ти февруари требало да бидат испорачани 400.000 обрасци, но пристигнале само 20.000 поради промени во договорите за што го обвини претходното раководство.

Тошковски и денеска повтори дека решението е да се смени законот за патни исправи, исто како што беше случајот со возачките дозволи и граѓаните да може да го користат пасошот со старото име до крајот на годинава.

„Факт е дека македонскиот пасош со старото име се употребува моментално во Германија и Швајцарија, само не може да се употребува во Македонија, поради тоа ги повикувам пратениците во Собранието да постапат по оној предлог закон кој го доставив истиот ден заедно со законот за возачките, како што го поминаа законот за возачките така да го поминат и законот за пасошите, само тоа е решение, а граѓаните нека судат.“ – вели Тошковски.

Вицепремиерот Битиќи пак со обвинувања до новиот министер за внатрешни работи, кој е неполн месец на чело на министерството. Според Битиќи, опозицијата намерно креирала фиктивни термини за да го блокираат системот. Освен тоа вицепремиерот обвини и за паралелни списоци за сликање за пасоши преку ред и врски.

„На пример има многу интересна работа, во 19.20 зтвораат пунктовите за сликање, имало друг список во 19.45 за сликање и доаѓаат и се редат од 19.45 до 22.00 часот. Доаѓа другиот список оној „Сваровски“ список. Го кажувам јавно тоа“. – вели Битиќи.

Министерот Тошковски му одговори на Битиќи. Тоа се случувало во времето кога Олвиер Спасовски раководел со министерството. Екс минситерот Спасовски пак рече дека тој не чувствува лична одговорност за настанатиот хаос со вадењето документи. И додека политичарите си ја префрлаат одговорноста, дел од граѓаните подготвуваат тужби против државата. Македонците од Германија дадоа рок до 23 февруари, доколку Владата не ја повлече одлуката за укинување на пасошите, ќе поднесат тужба.