Патник кој ја преживе авионска несреќа во Индија потсетува на еден случај од Југославија: Дали ја знаете приказната за Весна Вуловиќ?

Авион на „Ер Индија“ со 242 патници се урна денес во Ахмедабад. И додека првичните информации велеа дека сите загинале, подоцна беше потврдено дека еден патник преживеал – чудо што потсетува на случајот со Весна Вуловиќ, единствената преживеана од југословенската авионска несреќа во 1972 година.

Имено, Весна преживеала авионска несреќа без падобран од висина од околу 10.000 метри. Авионот се урнал во планински дел од Чехословачка, а сите патници и членови на екипажот загинале освен Весна, која чудесно преживеала.

Заробена во опашката на авионот, кој паднал во снежниот шумски дел од планината, таа преживеала благодарение на специфични околности што го ублажиле ударот. Ја спасил шумарот Бруно Хонке, кој го слушнал нејзиниот крик.

Официјалните истраги тврдеа дека станува збор за бомба, додека подоцнежните информации сугерираа дека авионот бил погрешно соборен од чехословачката армија. Весна се здобила со сериозни повреди и била во кома десет дена, но подоцна се опоравила речиси целосно.

Поради овој настан, таа влезе во Гинисовата книга на рекорди како личност која преживеала пад од највисока точка без падобран. Стана позната низ целиот свет и политички активна во својата татковина.

Имено, приказната за преживување ѝ донесе големо јавно внимание и статус на позната личност во Србија, а подоцна го искористи ова признание во политичкиот ангажман.

Во 1990 година, таа ја изгуби работата во авиокомпанијата поради учество во протестите против тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, иако успеа да избегне апсење.

Таа почина во 2016 година во Белград, на 67-годишна возраст.