Пекинг ги осуди „грешките“ откако САД додадоа уште 37 кинески ентитети на црната листа

– Пекинг денес го осуди потегот на Соединетите Американски Држави (САД) да додаде уште кинески компании на списокот на ентитети на Вашингтон кои се предмет на трговски ограничувања, објавија државните медиуми.

„Кина секогаш цврсто се спротивставува на злоупотребата на алатките за контрола на извозот од страна на САД, вклучително и на листата на ентитети за сузбивање на кинеските компании“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан.

„Нормалната трговска и економска соработка меѓу Кина и Русија не треба да биде подложена на прекини и ограничувања од трета страна“, рече Лин.

Вашингтон вчера кон Пекинг упати трговски ограничувања на 37 кинески ентитети, вклучително и оние што наводно го поддржуваат кинескиот шпионски балон што прелета над САД минатата година.

САД исто така, ги обвинија кинеските компании за наводни „обиди да дојдат до американски средства за правење беспилотни летала што ќе ги користат кинеската Армија и други за испорака на контролирани средства во Русија“.

Во врска со можните дополнителни тарифи за кинеските електрични возила, меѓу другите извозни производи, Лин рече дека таквите американски акции се „прекршување“ на меѓународните трговски практики.

„Овие дејствија додаваат грешка на грешките“, изјави тој.

Лин реагираше на извештаите дека САД ќе воведат дополнителни царини за кинеските електрични возила и за друг еколошки извоз следната недела.

Тој рече дека таквите дејства веќе се прогласени за кршење на правилата на Светската трговска организација.

„Злоупотребата на САД на таканаречениот процес на ревизија е продолжување на политизирањето на трговските и економските прашања“, рече портпаролот на Министерството.