Тајната кампања спроведена од Соединетите Американски Држави за дискредитација на Кина и кинеската вакцина против Ковид докажува дека Вашингтон стои зад ширењето на лажни информации, објави во понеделникот кинеското Министерство за надворешни работи.
„Фактите во неколку наврати докажаа дека САД постојано манипулирале со социјалните мрежи за да шират лажни информации, да ја трујат јавната перцепција и да го нарушат имиџот на другите земји“, се вели во соопштението на кинеското МНР.
Забелешките доаѓаат како одговор на истражувањето кое тврди дека САД, во екот на пандемијата Ковид-19, започнале кампања за да се спротивстават на она што го гледаат како растечкото влијание на Кина на Филипините.
Се вели дека објавите на социјалните мрежи го осудуваат квалитетот на заштитните маски за лице, комплетите за тестирање и првите вакцини што требаа да бидат достапни на Филипините – направени од кинескиот производител Синовак.
„Кампањата против кинеската вакцина ја разоткрива вистинската намера на САД да изврши дезинформациски напади против други земји“, соопшти Министерството.
Се додава дека слична тенденција е видлива, меѓу другото, и во омаловажувањето на популарната иницијатива „Појас и пат“.
„Ова само го разоткрива лицемерието и хегемонистичките аспирации на САД, а не нивната „голема сила““, се вели во соопштението.
Одделот за здравство на Филипините во неделата соопшти дека е неопходно да се испитаат деталите од извештајот.