Пекол во Грција: Луѓе бегаат од островот; Илјадници евакуирани 

Грчките пожарникари трет ден по ред се борат со шумските пожари на грчкиот остров Крит, кои уништија шуми и маслинови насади и принудија илјадници жители и туристи да го напуштат островот.

Околу 130 пожарникари, 48 возила и шест хеликоптери работат на гаснење на пожарот во услови на силен ветер и суво време, што би можело да предизвика нови пожари во областите каде што се ставени под контрола, пренесува Ројтерс .

Пожарот, кој избувна во село на околу 16 километри источно од Иерапетра во среда, зафати површини обработливо земјиште во југоисточниот дел од островот, оставајќи мртви животни, оштетени домови и изгорени селски куќи.

Околу 1.000 евакуирани жители пронајдоа привремено засолниште на стадионот и блиските хотели, а околу 5.000 туристи ја напуштија областа.

Многу од евакуираните треба да се вратат дома подоцна денес, бидејќи ситуацијата се подобрува, изјави Јоргос Капакос, заменик-гувернер на цивилната заштита за Крит.

Пекол во Грција: Луѓе бегаат од островот; Илјадници евакуирани ВИДЕО

Туризмот е клучна индустрија на Крит, најголемиот остров во Грција, а локалните хотелиери се загрижени за влијанието врз идните резервации бидејќи пожарот избувна на почетокот на летната туристичка сезона.

Во исто време, околу 148 пожарникари се бореа со пожар што избувна вчера во атинското предградие Пикерми, загрозувајќи многу домови, предизвикувајќи прекини во електричната енергија и принудувајќи ги властите да преместат повеќе од 300 луѓе на безбедно место.

Пожарот е ставен под контрола, но не е изгаснат, изјави претставник на противпожарната служба.

Се очекува температурата во Грција денес да достигне 38 степени, објави Грчката метеоролошка служба.

Грција и другите медитерански земји се наоѓаат во област што научниците ја нарекуваат „жариште на пожари“, каде што пожарите се чести во текот на жешките, суви лета. 

Пожарите станаа подеструктивни во последниве години поради брзите климатски промени.