„Ја оспорувам тезата дека измените во Кривичниот законик се направени за да може да се врати поранешниот премиер Никола Грувски. Не се врати. Не го гледам. Сигурно и да има (каков план за негово враќање) нема да оди преку мене“, нагласи вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Немам план А или план Б. Не сум дел од ниту еден план. Имаме еден месец од законот во сила, потпишан указ. Каде е Груевски? Како се врати? Каде е скриената амнестија? Медиумите шпекулираат дека Груевски ќе се врати со принципиелно правно мислење на Врховниот суд. Тогаш зошто има измени во Кривичниот законик, ако им беше доволно одобрението да се вратат, праша Пендаровски во вечерашното интервју на ТВ Телма.
Шефот на државата рече дека „во никој случај“ нема да даде амнестија како поранешниот претседател Ѓорге Иванов, но потврди дека му се обратиле со барање за амнестија на Груевски од раководството на најголемата опозициска партија.
„Да бидам прецизен од раководството на најголемата опозициска партија, затоа што, немојте да мислите дека таму владее идеално единство. Има луѓе кои би сакале да бидат калиф наместо калиф. Не можам да ви кажам повеќе“, рече Пендаровски.
Потоа додаде дека никој не му се обратил директно, туку тоа е направено со посредник.Зборувајќи за измените во Кривичниот законик, Пендаровски рече дека не се точни изјавите во медиумите дека паѓаат случаите на поранешното Специјално јавно обвинителство или застаруваат побрзо.
Претседателот на државата во однос на забелешките дека измените на Кривичниот законик се избрзани изгласани и веднаш потпишани, рече дека не ги знае мотивите на Владата, но меѓу другото рече дека се подготвува нов законик кој ќе содржи статија која ќе се занимава со злоупотреби.
Пендаровски се уште не се изјаснил дали ќе се кандидира на претседателските избори за следниот мандат. Вели дека ќе почека до крајот на годината. Тоа се објаснува со тоа што кај нас најголемите политички блокови секогаш се за претседателски кандидат. Според Пендаровски, неговиот имиџ е стабилен и не е променет.