Пендаровски: Неопходно е прочистување на судството и именување на одговорните

 – Потребно е да постои „име и презиме“ за одговорност, прочистување на судството и законски измени со кои на лицата кои се на „црната листа“ на САД ќе им се забрани да се занимаваат со политика или да бидат на јавни функции, смета претседателот Стево Пендаровски.

Во вечерашното гоствање во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, Пендаровски кажа дека не е изненаден од составот на „црната листа“ бидејќи имал некакви индиции за тоа од разговорите  со американски преставници.

Откри дека има најава за ставање на листата на најмалку уште едно лице во наредните неколку месеци.

Зборувајќи за состојбата во судството, шефот на државата потсети дека пред неколку години го поддржал ставот на ЕУ дека не треба да има комплетен ветинг на судиите, имајќи го предвид примерот на Албанија каде преку тој процес поминале само 40 отсто од судиите и обвинителите. Но, вели, од денешен аспект, се покажало дека Северна Македонија не успеа да ги имплементира реформите во правосудниот систем и затоа е неопходно прочистување на судството.

– Кога гледам дека немаме напредок велам можеби е подобро да имаме 40% судии со образ и да немаме целосно составени органи – да ги досоставуваме, да ги допополнуваме со судии и со обвинители, отколку да имаме судство и обвинителство за кои гледате какви се ефектите, за кои велат дека се канцер на општеството. Процесот на прочистување на судии и обвинители ќе ни земе минимум три до четири години, ќе не остави со половина судии помалку, но можеби и тоа е некаков почеток бидејќи сите други варијанти – имаме нов Кривичен законик, па реформи, па нови реформи, па реформи на реформите, не доведоа до овде, истакна Пендаровски.

За утрешната седница на Судскиот совет на која ќе се расправа за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, тој смета дека таквиот потег е за осуда, бидејќи се создава впечаток оти постапката е почната откако таа даде изјава дека трпи политички притисоци.