Пендаровски – Павел: Стабилноста и безбедноста на Западен Балкан зависат од неговата европска перспектива
– Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во рамки на официјалната посета на Чешката Република, со чешкиот претседател, Петр Павел, одржаа заедничка прес-конференција, на која претходеше тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, Пендаровски на прес-конференцијата истакнал дека му претставува особена чест што престојува во прва официјална посета на Чешката Република.
„Ова е наша прва средба како претседатели на две држави кои повеќе од три децении градат блиски и пријателски билатерални односи. Нашите народи ги врзуваат силни историски и културни врски низ вековите и јас уверен сум дека Вие, во Вашиот мандат, ќе продолжите да работите за унапредување на нашето пријателство“, рече Пендаровски.
Според него, со години наназад, Чешка е значаен и докажан партнер на Северна Македонија во Обединетите нации, во ОБСЕ, а последниве три години и во НАТО-алијансата.
„Со претседателот Павел сме согласни дека стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, како и неговиот демократски развој, зависат од неговата европска перспектива, што е причина повеќе Европската Унија да го зголеми своето присуство во нашиот регион за да го задржи кредибилитетот на процесот на проширување“, додаде тој.
Пендаровски информира дека на средбата размениле мислења, не само за внатрешнополитичките состојби во двете земји, туку и за актуелните предизвици со кои се соочува Европа.
„Во тие рамки, разговаравме за руската инвазија врз Украина, за нашата соработка во НАТО-алијансата, како и за активностите кои ние како претседавачи со ОБСЕ ги преземаме во функција на севкупната европска безбедност“, нагласи тој.
Меѓу другото, Пендаровски рече дека покрај соработката на меѓународен план и одличните политички односи, констатирале дека во последните 6-7 години имаат постојан прогрес на економски план и пораст на трговската размена.
„Нашите очекувања се дека енергетскиот сектор, транспортната инфраструктура, ИТ-секторот, земјоделството, прехранбената индустрија, како и заштитата на животната средина, во иднина треба да бидат наш заеднички приоритет, како области во кои имаме широки потенцијали за интензивирање на соработката“, додаде Пендаровски.