– Претседателот на државата и претендент за втор мандат на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски смета дека во односите меѓу Северна Македонија и Европската унија, постои нов политички реализам, а тоа е дека државата е самоблокирана на европскиот пат.
-Ние за жал сме блокирани и знаеме заради што, главната опозициска партија вели во ниедна варијанта не гласаме за тоа под бугарски диктат и така натаму. Ако е тоа новиот реализам, значи дека ние сме самоблокирани. Дајте да искористиме што повеќе од овој амбициозно најавуван План за раст на Западен Балкан во кој има далеку повеќе фондови на располагање, сè додека на опозицијата не ѝ текне дека без промена на Уставот нема членство во ЕУ и сè додека не се случи тоа да искористиме барем повеќе од тие фондови кои се наменети за оние кои се самоблокирани како нас. Ние можеме во рамки на кампањата да зборуваме за бугарски диктати и чуда, дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тоа е само политичка мантра за замајување на народот додека на дојдеш на власт. После тоа ќе се соочиш со барањата на потенцијалниот албанскиот фактор кој ќе ти каже уставни измени за три, за шест месеци, па ќе одиш во Брисел и таму ќе ти кажат дека нема промена на преговарачката рамка, рече вечерва Пендаровски во интервју за емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
Коментирајќи го ставот на ВМРО-ДПМНЕ за измените на Уставот, Пендаровски вели дека тоа се прави само поради собирање политички поени, а заради тоа свесно го блокира процесот на интеграција.
-Завчера имаше интервју на човек од германската ЦДУ, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ кој дошол овде да им помогне и им вели овој е патот. Јас сакам да им кажам: Оставете ја кампањата, јасно ми е зошто го правите ова, бидејќи на тоа прашање добивате политички поени, на друго не добивате. Но, сега, дајте соочете се со овој нов политички реализам. Срамота е ако Украина, Молдавија и Грузија и Босна и Херцеговина стануваат кандидатки ние тамам кога направивме некој напредок, сега да се враќаме назад заради вашиот став дека само како Бугари ќе влеземе во ЕУ, што е апсолутна небулоза, вели тој.
Пендаровски наведува дека ВМРО-ДПМНЕ има и друга теза која вели „дајте ќе го промениме Уставот денес ама, промените ќе важат кога ќе станеме членки“ и прашува „дали тоа може да се направи и кој од европските фактори ви ветува дека такво нешто е можно“.
Тој потенцира дека членството во ЕУ би требало да биде натпартиско прашање, бидејќи станува збор за стратешка цел на државата, исто како што е и НАТО.
Порача дека тој ниту ги делел, ниту некогаш ќе ги дели граѓаните по која било основа, и ако биде повторно избран ќе биде претседател на сите граѓани, а не само на оние кои гласале за него. Тоа, вели, е потврдено и од неговиот досегашен петгодишен мандат, но проблемот го гледа во македонското општество кое е длабоко етнички поларизирано и дека тоа треба да се промени.