Поранешниот претседател Стево Пендаровски, по предавањето на функцијата на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова, во објава на Фејсбук се заблагодари на граѓаните за укажаната доверба и на неговите соработници во тек на мандатот.
„Благодарност до сите граѓани за укажаната доверба и на сите соработници со кои заеднички работевме во изминатите пет години“, напиша Пендаровски.
Силјановска Давкова денеска ја презеде функцијата претседател на државата од Пендаровски во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести.
Претходно во Собранието даде свечена заклетва за совесно извршување на должноста, со што го почна петгодишниот претседателски мандат.
Силјановска Давкова е шести претседател и прва претседателка од осамостојувањето на државата.
На Претседателските избори кои се одржаа на 24 април и 8 мај, таа освои 561.000 гласови.