Пендаровски: „Стабилноста и просперитетот во регионот се меѓузависни“

– Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, по завршувањето на состанокот на претседателите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, одржа заедничка прес-конференција со кодомаќините, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, и претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар.

  • Претседателите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони ја усвоија Декларацијата од Скопје
  • Во Скопје започна состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони

Во својот говор, Пендаровски рече дека ја имал честа да биде домаќин на претседателите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони, за којшто рече дека е единствен механизам за соработка во регионот на ниво на шефови од држави.

Тој истакна дека состанокот поминал во конструктивна атмосфера и на него е потврдена важноста од регионалната соработка, заснована врз искрен и отворен дијалог.

Пендаровски рече дека желбата за членство во Европската Унија е присутна кај сите држави од Западен Балкан без исклучок.

„Стабилноста и просперитетот во регионот се меѓузависни. Затоа е повеќе од потребно отворено да зборуваме за најтешките прашања, да бараме одржливи решенија и да ги затвораме отворените прашања. Исто така, со заеднички напори мора да издејствуваме Западниот Балкан да се врати целосно на европската агенда и таму да остане“, рече Пендаровски.

Претседателот на Северна Македонија изрази задоволство од усвојувањето на Декларацијата од Скопје, во која се содржани заедничките констатации и заложби.

– „Атмосферата на состанокот беше добра“

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, му се заблагодари на македонскиот колега за организирањето на состанокот, истакнувајќи ја важноста и вредноста на овој вид дијалог.

„Денеска атмосферата на состанокот беше добра, значи подобра отколку претходните два состанока. Тоа беше забележливо и тоа е охрабрувачки знак. Се разговараше за теми што спојуваат или што имаат таков потенцијал, а за оние што уште не се решени, не се разговараше, затоа што искуството покажа дека тоа е контрапродуктивно, па дури и штетно“, рече Милановиќ.

Тој додаде дека Хрватска и Словенија, земји членки на ЕУ, можат да помогнат и повеќе за овој дел од Европа да се интегрира во ЕУ.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, рече дека на состанокот најмногу внимание му било посветено на процесот на евроинтеграции на земјите од Западен Балкан.

Таа истакна дека Словенија ги поддржува сите држави од Западен Балкан во процесот на приближување кон ЕУ.

„Ме радува што го усогласивме текстот на Декларацијата. Минатата година, како што знаете, ја имавме само изјавата. Годинава ја усогласивме пред самата средба во Скопје и конечно ја усвоивме со некои мали корекции. Несомнено, ми претставува посебно задоволство што Процесот Брдо-Бриони ќе продолжи. Имаме двајца кандидати за организација следната година и во следните месеци ќе се договориме каде ќе биде организацијата“, рече Пирц Мусар.

Таа исто така се заблагодари за помошта испратена од земјите од Западен Балкан поради поплавите кои ја зафатија Словенија.