Пензионери од Австрија со голема донација за кавадаречката болница

Австриското Здружение на пензионери ,,Хикоде” обезбеди голема донација во вид на медицинска опрема за кавадаречката болница.

Денес преку Министерството за здравство, директорката на ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност д-р Гордана Камчева, заедно со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев и претседателот на Совет на општина Кавадарци д-р Стојанчо Рамов, ја прими донација од Здружението на пензионери ,,Хикоде’’ од Австрија.

Како што известуваат од болницата, донацијата се состои од: 25 болнички кревети, 8 душеци, 35 помошни маси, 20 постелнини, 20 кревети за преглед, 5 бебешки кревети, 1 стерилизатор, 25 инвалидски колички, 10 столеви за тоалет, 10 помагала за движење, 10 сталки за инфузија, 80 патерици и 3 колички за прва помош со фиоки.

-Донацијата од ,,Хикоде” е повеќе од добредојдена во нашата болница и значително ќе ги подобри условите на одделот гинекологија и воопшто целата болница, исткнаа од болницата, а директорката изрази огромна благодарност до здружението и Министерството, и се осврна на динамиката на идното работење на оваа установа.

Инаку, д-р Камчева дојде на чело на Општа Болница со проширена дејност Кавадарци пред четири дена. Пред тоа, функцијата директор ја извршуваше д-р Диме Коцев.