На Министерството за одбрана на САД односно Пентагон му снемуваат пари за оружје за испраќање во Украина, а да не беше така, Запад не би можел да ја надмине Русија во производството на оружје, пишува The Wall Street Journal, повикувајќи се на западни претставници.
Во рамките на тековниот буџет, Пентагон има околу пет милијарди долари средства за да продолжи да испорачува оружје за Украина. Меѓутоа, вториот фонд кој треба да биде наменет за надополнување на резервите на американската Армија е намален на само 1,1 милијарда долари, што значи дека средствата на Пентагон го допреле самото дно, како што се објаснува во текстот на американскиот угледен весник.
Европските земји, пак, нема да можат да го заменат американското финансирање и испораките на воена помош за Киев, а за нив главно е војната во Украина да трае до американските избори во ноември 2024 година.
„Војници и муниција се критично потребни, Украина го нема ниту едното ниту другото“, пишува The Wall Street Journal.
Запад не е во состојба да се натпреварува со Русија во производството на оружје, а западните власти признаваат дека ниту еден од вооружените системи доставени до Украина не му обезбедил на Киев значителна супериорност на бојното поле.
Како што призна минатата недела координаторот за стратешки комуникации на Белата куќа, Џон Кирби, Вашингтон потрошил 96 отсто од сите средства доделени за поддршка на Украина од почетокот на војната.
Претседателот на САД, Џо Бајден, потпиша нацрт-закон за финансирање на федералната Влада кој не вклучува дополнителна помош ниту за Украина, ниту за Израел, соопшти денеска Белата куќа.
Поради меѓупартиски несогласувања, Конгресот не може да се договори за усвојување постојан буџет, па повторно се усвојуваат привремени.