Пентагон: САД добија барање од Данска за помош при тренирањето на украинските пилоти за Ф-16

 – Пентагон соопшти дека добил барање од Данска да помогне во обуката на украинските пилоти за борбените авиони Ф-16.

На брифингот за новинарите, портпаролот Пет Рајдер рече дека тоа било тема на разговор минатата недела во Контакт групата за одбрана на Украина и дека Холандија и Данска имаат водечка улога во развојот на програмата за обука на украинските пилоти за Ф-16.

„Добивме барање од Данска за поддршка на обуката за Ф-16, што е очекувано. Во моментов тоа е на разгледување“, изјави Рајдер за новинарите.

Се очекува обуката да се спроведе пред крајот на годината „некаде во Европа“, изјави портпаролот. „САД тесно ќе соработуваат со нашите сојузници за спроведување на таа обука.“

Меѓутоа, на 15 јуни генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, откри дека украинските воени пилоти се обучуваат да управуваат со авионите Ф-16.

„Самиот факт за започнување на обуката ни дава можност да одлучиме и да доставуваме авиони, а потоа пилотите ќе бидат подготвени да летаат со нив“, рече Столтенберг во Брисел.

До денес Норвешка, Белгија, Португалија и Полска се понудија да придонесат во обуката.