Перински: Се подготвува нов закон, градоначалниците ќе можат да бидат разрешени со референдум

До 30 март ќе се подготват предлог-измените на Законот за локална самоуправа кои се очекува да бидат изгласани во Собранието пред почетокот на летото, најави министерот за локална самоуправа Златко Перински. Според него, главната измена во овој закон е тоа што граѓаните на референдум ќе можат да разрешуваат градоначалници.

Според овој предлог-закон, доколку некој од раководителите на општините не си ја врши работата како што треба, тогаш граѓаните ќе можат да го изразат своето незадоволство преку референдум, со кој ќе можат да го разрешат градоначалникот од функцијата.

„Новиот закон што ќе се воведе ќе ги опфати новите градоначалници на општините кои ќе ги преземат своите мандати по ноември. Невозможно е да се донесе закон за ретроградна акција што би била за сите оние кои ќе ја преземат функцијата по општинските избори закажани за ноември, не можеме да менуваме закони според лични преференци, едноставно сакаме да ја подобриме состојбата и државата на локално ниво и сите заинтересирани страни кои се засегнати од ова законско решение да имаат поквалитативно и поодржливо решение“, изјави Златко Перински, министер за надворешни работи.

Перински очекува до лето да заврши целата постапка за измена на Законот за локална самоуправа.

„Убеден сум дека сега сме подготвени да преминеме во следната фаза, а тоа е креирање нацрт-амандмани на законот за локална самоуправа и нивно итно доставување до парламентот за дополнителни консултации со сите парламентарни политички партии за да влеземе во фазата на валидација, т.е. за одобрување на предлог измени и дополнувања на законот за локална самоуправа. Убеден сум дека преку таков транспарентен и отворен, инклузивен начин ќе дојдеме до многу подобро решение од она што го имаме во моментов“, рече Златко Перински.

Ова беше четврта јавна расправа за измените на Законот за локална самоуправа, со која се заокружува серијата дискусии за измените на овој закон, по што новите решенија ќе бидат презентирани на седница на Владата, а потоа треба да бидат одобрени во Собранието.