По најавата на општините Струмица и Карпош дека ќе го напуштат ЗЕЛС, се огласи министерот за локална самоуправа Златко Перински. Тој оцени дека секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини.
„ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме, вели Перински во изјава за МИА.
Според Перински, не се решение ваквите потези. Со пренасочување на вниманието и политизирање на случајот, губат сите, а најмногу граѓаните, вели Перински.