Песков: Кремљ нема информации каде се наоѓа Пригожин

 Кремљ денеска соопшти дека нема информации за тоа каде се наоѓа водачот на платеничката група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, кој во саботата се бунтуваше во знак на протест против, според него, лошото спроведување на воените операции во Украина, пренесоа британските медиуми.

Според условите на договорот што стави крај на немирите, на Пригожин му беше дозволено да се пресели во Белорусија, а на неговите борци им беше дадена опција да се приклучат на редовните вооружени сили на Русија или да одат со него во соседната земја.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, на својот редовен дневен брифинг изјави дека договорот за ставање крај на бунтот се спроведува и дека претседателот Владимир Путин секогаш го одржува зборот. Тој рече дека не знае колку борци на „Вагнер“ ќе потпишат договори со Министерството за одбрана по договорот.

Песков, исто така, рече дека не се согласува со „псевдоекспертите“ кои рекоа дека немирите викендов ја разнишале позицијата на Путин.

-Во моментов нема предуслови за мировни преговори меѓу Русија и Украина, додаде портпаролот на Кремљ.