– Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија внимателно ја следи ситуацијата на северот на Косово и дека безусловно ја поддржува Србија.
„Ја следиме ситуацијата, апсолутно безусловно ја поддржуваме Србија, ги поддржуваме Србите“, изјави Песков за новинарите во Москва.
Тој додаде дека не постојат планирани контакти меѓу Путин и српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со настаните на Косово, но дека Москва и Белград имаат постојана комуникација преку дипломатски канали.
Паралелно со тоа, Песков рече дека Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на последниот телефонски разговор ја потврдиле намерата да одржат билатерална средба во догледна иднина.
„Каде ќе биде и кога точно, тоа допрва треба да се договори, земајќи ги предвид распоредите на двајцата претседатели. Но постои разбирање дека се подготвуваме за таква средба“, додаде Песков.
Песков на денешниот брифинг за медиумите, исто така, рече дека Кремљ би сакал да слушне одредена осуда од Западот во врска со вчерашните напади со беспилотни летала во руската престолнина Москва.
„Ја видовме реакцијата и на Лондон и на Вашингтон. Уште еднаш, забележавме отсуство на каква било осуда“, рече портпаролот на Кремљ.
Тој додаде дека не слушнале ниту еден збор на осуда од ниту една земја што му припаѓа на колективниот Запад, дури и во врска со гранатирањето на цивилната инфраструктура во рускиот регион Белгород.
„Навистина сме загрижени поради оваа ситуација, таму продолжува гранатирањето на цивилни објекти. Ситуацијата таму е доста алармантна, се преземаат мерки“, рече Песков.