Целосен нонсенс се тврдењата дека Европската Унија се обидува да се меша во внатрешните работи и дека поттикнува антивладини протести во Србија, порача денес портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Петер Стано.
„Тоа е рускиот наратив со кој Србија мора да се справи, за што ние разговаравме со нашите српски партнери во повеќе прилики. Ова е време кога мора да размислуваме, да разговараме и да се однесуваме на европски начин, ако сакаме европските аспирации да бидат кредибилни. За тоа разговараме со нашите партнери и тоа не само во Србија“, изјави Петер Стано.
Во однос на дијалогот меѓу Белград и Приштина, Петер Стано кажа дека тој мора да биде насочен кон имплементација на досегашните спогодби, вклучително и на она што беше договорено минатата година во Охрид, бидејќи видливо е дека е можен напредок за што доказ е признавањето на регистарските таблички.
„Ова е конкретен доказ дека напредок е можен доколку постои добра волја. Се надеваме дека ова ќе продолжи и по формирањето на новата српска Влада и ние ќе продолжиме да бидеме ангажирани да им помогнеме да го имплементираат она за што се договорија. ЕУ очекува напредок од двете страни, бидејќи нема време за губење“, изјави Петер Стано, додавајќи дека ЕУ ја следи состојбата на теренот и кога ќе биде утврден видлив напредок во напорите за деескалација на состојбата ќе преземе мерки за укинување на рестриктивните мерки кон Косово.
Стано истакна дека имплементацијата на договорите е дел од обврските и на Белград и на Приштина во рамки на напредокот кон Европската Унија, потенцирајќи дека ЕУ не ги натера Косово и Србија да аплицираат за членство во ЕУ, туку тие тоа го сторија самите, па ако сакаат да напредуваат на европскиот пат, нивните лидери мора да испорачаат.
„Новите години секогаш нудат можности за надеж, за работа и многу енергија и се надеваме дека таа нова надеж и енергија ќе ги поттикнат двете страни да испорачаат. Тие не испорачуваат за нас во Брисел, туку испорачуваат за нивните народи“, истакна Петер Стано.