Петровска во обиколка на градовите Ирпин и Буча каде минатата година се водеа жестоки борби за одбрана на Киев
– Министерката Славјанка Петровска денеска во Украина ги посети градовите Ирпин и Буча, каде во текот на месец март минатата година се водеа жестоки битки со руските сили.
Во Ирпин и Буча, како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска и лично ги виде последиците од уништувањето предизвикано од војната, тешките услови во кои живеат Украинците, но и нивната жар и мотив да се изборат за својот суверенитет.
-Војната е немилосрдна и единствено нешто што носи се болка и тага. На лицата на Украинците може да се види бескрупулозноста на воените дејствија, но може да се види и нивната цврстина и желбата да ја одбранат својата татковина, рече министерката при посетата на овие градови.
Таа го потенцираше херојството на овдешните луѓе во одбраната на својата земја и ја повтори итната потреба мирот и безбедноста да се вратат на територијата на целата земја. Петровска порача дека Северна Македонија цврсто и јасно укажува на тоа дека страдањата на украинскиот народ мора веднаш да запрат, стои во соопштението на Министерството за одбрана.