Петровска: Евроинтеграцијата е безбедносно прашање, да не дозволиме влијанија од трети страни да нè оттргнат од патот кон ЕУ

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на втората сесија на Балканската лидерска конференција насловена „Интеграција на Западниот Балкан во ЕУ: предизвици и перспективи“ организирана од Подгоричкиот клуб, со фокус на перспективите за мир и помирување во Западниот Балкан.

Таа се осврна на значењето на европската интеграција за земјите од регионот, нивниот просперитет и процесот на помирување, при што укажа на тоа дека интеграцијата е процес што нè обединува и ни овозможува да развиваме блиска соработка. Петровска го поврза процесот на европска интеграција и помирувањето зашто во суштина Европската Унија е пример за помирување.

– Европската Унија е пример за помирување. Некогашните непријатели во 1958 година ја потпишаа спогодбата во Рим и всушност со ставањето на тие потписи, ставија потпис на основањето на Европската Унија. Помирувањето не може да настане преку ноќ. И не може да настане ниту за една година, ниту за една генерација. Треба да помине време во кое ќе се посветиме на помирувањето, преку различни облици на соживотот и заедничката соработка, рече министерката, стои во соопштението од Министерството за одбрана.

Прашањето на евроинтеграцијата е и безбедносно прашање, нагласила министерката за одбрана и посочила на тоа дека ако нема процес на обединување, малициозните и непријателски влијанија на трети држави може да станат повидливи.

– Ако немаме процес околу кој се обединуваме, тогаш малициозните или непријателски влијанија на трети држави ќе станат сè повидливи. И ние иако сме земја членка на НАТО алијансата, сведоци сме на таквите малициозни или негативни влијанија на Русија во домашната политика на нашата држава и токму затоа се случи во изминатиот период голем број, официјално дипломати, да бидат протерани од нашата држава зашто се мешаат во политиките кои се дел од нашата национална агенда, потенцирала министерката.

Таа додала дека земјите од Западниот Балкан имаат перспектива и дека сите ние треба да опстоиме на тоа дека треба да бидеме дел од Европската Унија.

Петровска посочила дека процесот на реформи во Унијата, кој е исто така потребен и суштински не треба да го стави процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан, во втор план зашто тогаш овој процес може да биде невозможен имајќи ги предвид надворешните влијанија и можноста за промена на геополитиката во овие држави која ќе го оптовари овој пат кон ЕУ.

За Северна Македонија, истакнала Петровска, 2018 година не беше лесна година, општеството и граѓаните требаа да прифатат промена на уставното име, а тоа се тешки одлуки кои некои политички лидери мора да ги донесат. Овие одлуки, додала, се болни, но после неколку години се гледа нивната значајност и праведност.

– Денеска сме сите ние горди што Република Северна Македонија е членка на НАТО алијансата, но мислам дека тука нашата приказна не заврши. Сега треба да покажеме уште поголем капацитет, да покажеме дека навистина сме способни да бидеме членка на НАТО алијансата, и имаме една малку поголема одговорност во регионот, а тоа е како успешна приказна да помогнеме особено на нашите соседи Косово и Србија да го поминат патот кој им престои и патот кој сакаме всушност заеднички да го продолжиме и со Албанија и со Црна Гора и со БиХ, а тоа е патот на приклучување во Европската Унија, заклучила министерката, соопштија од МО.

На втората панел-дискусија покрај министерката се обратија и претседателот на Собранието, Талат Џафери, поранешниот претседател на Црна Гора, Филип Вујановиќ, поранешниот претседател на Албанија, Реџеп Меидани, поранешниот претседател на Косово, Фатмир Сејдиу, поранешниот српски премиер Мирко Цветковиќ и претседателот на Институтот за европска и безбедносна политика, Вернер Фаслабенд.