Министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва во однос на уставните измени рече дека за какви било разговори мора да имаат јасно дефинирани ставови двете партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ставот на СДСМ, нагласи Петровска, е јасен и непроменет од почеток, што не може да се каже за ВМРО-ДПМНЕ.
Според министерката, нема ништо спорно во уставните измени и мора да се собере политичка храброст за нивно спроведување.
Како што кажа, ваквите прашања не се осмелуваат да се користат како дел од предизборната кампања.
„Ставот на СДСМ е јасен и непроменет од првиот ден. Подготвени сме за уставни измени кои ќе значат продолжување на патот кон ЕУ, но за жал истото не можеме да го кажеме за ВМРО-ДПМНЕ. Прво да кажат дали понудите се нивниот конечен одговор откако почнаа со неприфаќање на уставните измени, па да кажат дека прифаќаат. Како граѓанин, моето прашање и дилема е што е спорно во уставните измени кога самата Бугарија сака Бугарите да бидат запишани како малцинство во Уставот на Северна Македонија, со што се отстранува убедувањето дека сме еден народ во две држави. Ако за ВМРО-ДПМНЕ е ова неприфатливо, Бугарите да бидат дел од Уставот, тогаш се прашувам дали се согласуваат со таа реченица дека сме еден народ во две држави“, рече Петровска.