Пет главни прашања за претседателските избори во Русија: Путин е фаворит, но еве кој се друг се кандидираше

Еве што треба да знаете за претстојните избори, како функционира гласањето, кој го предизвикува Путин и што значи тоа за глобалната политичка сцена


Што се однесува до претседателските избори во Русија во 2024 година, не се очекува тие да донесат промени во Кремљ
, наведува АП во анализата за едни од двата најважни избори со кои се соочува светот оваа година.

Со повеќето опозициски фигури во затвор или во странство, и блокирани многу независни медиуми, Кремљ одржува строга контрола врз политичкиот систем на земјата. Гласањето во март само гарантира дека претседателот Владимир Путин (71) ќе го зацементира своето место на власт најмалку до 2030 година.

Без разлика, изборите ќе бидат внимателно следени од оние кои бараат увид во руските политички махинации, како и мислењата на поширокото руско општество нешто повеќе од две години откако Москва ја започна инвазијата на Украина.

Еве што треба да знаете за претстојните избори, како функционира гласањето, кој го предизвикува Путин и што значи тоа за глобалната политичка сцена.

Кој може да гласа?
Секој руски државјанин на возраст над 18 години кој не отслужува затворска казна може да гласа на претседателските избори во земјата.

Во февруари 2024 година, руската Централна изборна комисија објави дека околу 112,3 милиони луѓе имаат право на глас во Русија и областите окупирани од Русија во Украина. Право на глас имаат и уште 1,9 милиони Руси кои живеат во странство, се вели во соопштението.

Излезноста на последните претседателски избори во Русија во 2018 година беше 67,54 отсто, при што набљудувачите и поединечните гласачи пријавија раширени прекршувања, вклучително и полнење на гласачки кутии и присилно гласање.

На парламентарните избори во 2021 година излезноста беше 51,7%.

Како функционира гласањето?
Гласањето во Русија и во припоените региони на Украина главно ќе се одвива на избирачките места во текот на три дена, помеѓу 15 и 17 март. Ова се први претседателски избори во Русија кога избирачките места наместо еден ќе бидат отворени три дена.

Руските власти првпат го искористија повеќедневното гласање на референдумот во 2020 година организиран од Путин за да ја истуркаат уставната реформа што ќе му овозможи да се кандидира за уште два мандати. Сепак, ова ќе биде првпат повеќедневното гласање да се користи на претседателски избори.

Тоа ќе бидат и први претседателски избори на кои гласачите ќе можат да гласаат преку Интернет, со воведено електронско гласање во 29 региони.

Независните набљудувачи на изборите нашироко го критикуваа одложувањето за неколку дена и дозволувањето на онлајн гласањето, велејќи дека тоа е тактика што дополнително ја попречува транспарентноста на процесот. Опозициските групи во 2021 година рекоа дека дигиталните гласови на парламентарните избори во земјата покажуваат знаци на манипулација.

Гласањето ќе се одржи и на Крим, кој Москва го анектираше од Украина во 2014 година, и четири региони во југоисточниот дел на земјата што Русија ги анектираше откако започна воената инвазија во 2022 година – иако руските сили не контролираат целосно ниту еден од нив. Одлуката да се одржи гласањето таму беше осудена од Киев и од Западот.

Во некои региони веќе започна предвременото гласање, а во други постепено ќе се воведува.

Кои се претседателските кандидати?

Рускиот претседател Владимир Путин на изборите ќе учествува како независен кандидат. Речиси е сигурно дека ќе обезбеди петти мандат додека се соочува со тројца симболични кандидати.

Други кандидати номинирани од про-Кремљ партии и претставени во парламентот се Николај Харитонов од Комунистичката партија, Леонид Слуцки од националистичката Либерално-демократска партија и Владислав Даванков од Новата народна партија. Харитонов се кандидираше против Путин во 2004 година и заврши на второто место.

Овие кандидати со големо мнозинство го поддржуваат Кремљ и неговите политики, вклучително и инвазијата на Украина. Претходните избори покажаа дека таквите кандидати веројатно нема да добијат доволно гласови за да му направат вистински проблем на Путин. На претседателските избори во 2018 година, второпласираната Комунистичка партија доби 11,8 отсто од гласовите, наспроти 76,7 отсто на Путин.

Во меѓувреме, повеќето опозициски фигури кои можеа да го предизвикаат Путин беа или затворени или протерани во странство.

Минатата недела, најпознатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, чиј обид да се кандидира против Путин во 2018 година беше одбиен, ненадејно почина во затвор додека отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам.

Зошто се важни претседателските избори во Русија во 2024 година?
Многу коментатори, како и главно расцепканата руска опозиција, ги опишуваат изборите како плебисцит за војната во Украина што Путин ја започна пред две години.

Абас Гаљамов, политички аналитичар кој некогаш беше пишувач на говори на Путин, ги опиша изборите како гласање во кое „повеќе избори се заменуваат со едноставен, дихотомен: „Дали сте за или против Путин?“ и рече дека тоа ќе биде „референдум за прашањето за војна, а гласот за Путин ќе стане глас за војна“.

Опозицијата гледа на гласањето како можност да се покаже степенот на незадоволство од Путин и војната. Непосредно пред неговата неочекувана и се уште необјаснета смрт, Навални ги повика гласачите да излезат на гласање на 17 март напладне и да формираат долги редици.

Путин ги гледа овие избори како референдум за одобрување на неговите политики. Референдум за одобрување на војна“, рече Навални во изјавата емитувана од зад решетки, непосредно пред неговата смрт.

„Да ги скршиме неговите планови и да се погрижиме на 17 март никој да не е заинтересиран за лажен резултат, цела Русија да го види и разбере: волјата на мнозинството е Путин да замине.

Дали претседателските избори ќе бидат слободни и фер?
Набљудувачите по претседателските избори во Русија во 2024 година имаат мала надеж дека гласањето ќе биде слободно и фер. Активистите пријавија практики како што е присилното гласање за време на парламентарните избори во 2021 година, со видео снимки на социјалните мрежи на кои се гледа дека гласачките ливчиња се ставаат во гласачките кутии.

За време на последните претседателски избори во земјата во 2018 година, Меѓународната набљудувачка мисија на изборите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) го опиша како гласањето без вистинска конкуренција и нарушено со „континуиран притисок врз критичките гласови“.

Во годините што следеа, парламентот на земјата воведе сè порепресивни закони со кои се ограничува слободата на говорот.

Огромното мнозинство на независни руски медиуми се забранети, а секој што ќе биде прогласен за виновен за ширење на тоа што владата го смета за „намерно лажни информации“ за инвазијата на Украина може да се соочи со казна затвор до 15 години.