Пет нови спортови ќе бидат додадени за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година: Крикетот по повеќе од 120 години се враќа на ЛОИ
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) денес ја усвои програмата за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, која ќе вклучува пет нови спортови – крикет, фудбал со знаме, безбол-софтбол, лакрос и сквош.
Откако во петокот предложи Извршниот комитет на ИОК, денеска членовите на тоа тело на седницата во Мумбај со огромно мнозинство го усвоија вклучувањето на овие спортови во програмата на Олимписките игри во Лос Анџелес.
Важноста на екипните спортови во американската култура и градењето поцврсти врски со професионалните лиги им беше нагласена на членовите на ИОК пред да гласаат денеска.
Претставниците на две африкански членки, Брегот на Слоновата Коска и Уганда, изразија загриженост поради фактот што овие нови спортови не се многу популарни на нивниот континент.
Така, крикет се враќа на Олимписките игри по повеќе од еден век, по неговото кратко појавување на ЛОИ во Париз во 1900 година.
„Крикетот има повеќе од 2,5 милијарди обожаватели ширум светот и претставува извонредна можност да се вклучат нови земји и заедници, вклучително и домаќинот на оваа сесија, Индија“, порача претседателот на Комисијата за олимписка програма, Австралиецот Карл Штраус.
Додавањето на крикет во олимписката програма се очекува да ги зголеми приходите од емитување од Индија за најмалку 100 милиони долари.
Фудбалот со знаме е верзија на американскиот фудбал во која не е дозволен контакт помеѓу играчите, туку го запирате противничкиот напаѓач со отстранување на знамето кое му е закачено на половината.
Бејзболот по седми пат ќе биде во олимписката програма во Лос Анџелес, откако во 1992 година дебитираше во Барселона. На програмата беше и на претходните игри во Токио, но нема да биде дел од игрите во Париз.
Софтбол, женската варијанта на бејзбол, се појави во пет претходни изданија на ЛОИ, откако дебитираше на ирите во 1996 година во Атланта. Тој беше изоставен и од програмата во Париз.
Лакрос беше на олимписката програма двапати, но последен пат беше на игрите во Лос Анџелес во 1908 година.
Сквош ќе го има своето олимписко деби откако неколку претходни понуди за олимписки статус не успеаја.