Пет земји-членки на Европската унија, Бугарија, Полска, Унгарија, Романија и Словачка побараа воведување царини за украинските житарки.
Овие земји испратија заедничко писмо до Европската комисија (ЕК) во кое бараат воведување царини за украинските житарки поради нелојална конкуренција, соопшти денеска Министерството за земјоделство на Унгарија.
Земјоделците во споменатите пет земји „претрпеа значителна штета“ откако Европската унија ги суспендираше увозните квоти и царините за жито од Украина, се наведува во писмото, пренесува Ројтерс.
„Извозот на жито од Украина ги турка земјоделците од земјите на ЕУ од нивните традиционални извозни пазари“, велат министрите во писмото упатено до еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис и до комесарот за фарми Јануш Војчеховски.
Министрите на петте земји истовремено бараат од Европската комисија да разгледа дали упатствата за производство на Украина се во согласност со стандардите на ЕУ.