Пилот студија идентификуваше 1.002 случаи на сексуална злоупотреба во Католичката црква во Швајцарија
Католичката црква во Швајцарија денеска ги претстави резултатите и фактите од пилот студијата за историјата на сексуалната злоупотреба во Католичката црква во Швајцарија од средината на 20 век.
Сеопфатната, долгорочна студија ги анализира случаите на сексуална злоупотреба од страна на претставници на Римокатоличката црква во Швајцарија при што открила 1002 такви случаи од средината на 20 век.
Проектот траеше една година и е спроведен од Универзитетот во Цирих. Идентификувани се 510 обвинети и 921 засегнато лице. Студијата е наменета како почетна точка за понатамошно истражување, пренесува Ватикан њуз.
Извештајот, нарачан од швајцарската бискупска конференција и предводен од двајца историчари од Универзитетот во Цирих, дава длабински поглед на сексуалната злоупотреба и вознемирување што ја потресува Католичката црква низ светот во последните децении – уништувајќи ги животите на многу жртви и нивните семејства и повредување на угледот на институцијата.
Авторите на извештајот во изјавата нагласија дека пронашле 1.002 „случаи на сексуална злоупотреба“, како и обвиненија против 510 лица. Според нив, 921 лице биле жртви на напад.
Изворите на информации главно вклучувале тајни архиви, како и архиви на специјалистички комитети за „сексуални напади“ на швајцарската бискупска конференција и на поединечни епархии. Државните и приватните архиви (државни архиви, архиви на училишта и домови итн.) не беа земени предвид или беа само делумно испитани.
Според резултатите од истрагата, најголем дел од засегнатите биле мажи или момчиња (56 отсто), а во 39 отсто од случаите засегнати лица биле жени или девојчиња. Според изворите, полот не можел јасно да се утврди во пет проценти од случаите. Со неколку исклучоци, обвинетите се претежно мажи.
Речиси три четвртини од случаите (74 проценти) се однесуваат на сексуална злоупотреба на малолетници. Во 12 проценти од случаите возраста не можела јасно да се одреди. Возрасните се погодени во 14 проценти од случаите.
Покрај 1.002 случаи, идентификувани се и 30 случаи на сексуална злоупотреба во кои обвинетите имаат или имале врски со швајцарска институција на Католичката црква, но самиот чин се случил во странство.
Истражувачкиот тим нагласува дека пилот проектот успеал да забележи само мал дел од случаите. Спектарот се движи од проблематични гранични ситуации до најсериозните, систематски злоупотреби. Студијата исто така нагласува дека „осудените сторители генерално биле казнувани многу благо од Црквата или воопшто не биле казнувани“.