ПЛАНЕТАТА БУКВАЛНО ГОРИ – Светот се соочува со рекордно високи температури, а експертите предвидуваат црни сценарија: “Ова не е најлошото…“
Екстремните горештини зафатија големи делови од северната хемисфера. Еден по друг, топлотните бранови наизменично се менуваат низ Европа, особено на југот на континентот, како и во делови од Кина и САД. Во исто време, обилните врнежи предизвикаа разорни поплави и однесоа неколку животи во некои земји, вклучувајќи ги Јужна Кореја, Јапонија и североисточниот дел на САД.
„Во многу делови од светот се предвидува дека денес ќе биде најтоплиот ден досега. А тие рекорди годинава веќе неколку пати беа соборувани. Топлотните бранови го загрозуваат нашето здравје и живот. Климатската криза не е предупредување. Се случува. Ги повикувам светските лидери да дејствуваат веднаш“, предупреди претходниот ден во објава на социјалната мрежа Твитер, Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО).
Но, вчерашните рекорди веќе може да бидат срушени денес. Голем дел од јужна Европа и Медитеранот е зафатен од екстремни горештини кои доаѓаат од Северна Африка. Се очекува во голем број италијански градови, меѓу кои и Рим, температурата денес да надмине 40, а на Сардинија би можела да достигне и 46 Целзиусови степени. Слично е и во Шпанија и Грција, каде шумските пожари предизвикуваат дополнителни проблеми. Два шумски пожари, поттикнати од силни ветрови, беснееја надвор од контрола во крајбрежните градови во близина на Атина во понеделникот, принудувајќи ги жителите да ги напуштат своите домови.
Пеколна топлина ја зафати и Кина. Во провинцијата Чинјанг, на западот на земјата, во неделата во 19 часот, метеоролошката станица во селото Санбао, во близина на местото на оазата Турпан, измерени се 52,2 степени Целзиусови. Претходната рекордна температура измерена од таа станица во 2017 година беше 50,6. Чинјанг е полупустинска област која граничи со неколку земји од Централна Азија и обично е најтоплиот регион во Кина. Во исто време, тајфунот „Талим“ во понеделникот вечерта стигна до крајбрежната област на јужната кинеска провинција Гуангдонг. Речиси 230.000 луѓе се погодени од пеколните горештини.
Среде топлотниот бран што зафати големи делови од јужниот и југозападниот дел на САД, можеби штотуку е поставен нов рекорд за најжешка полноќ досега. Метеоролошката станица Bedweather во т.н. Долина на смртта во Калифорнија забележала температура од 48,9 Целзиусови на полноќ на 17. јули. Но, се чини дека ниту еден светски рекорд не е соборен во текот на жешката ноќ во Долината на смртта.
Долината на смртта е едно од најжешките места на планетата и го држи актуелниот светски рекорд за највисока температура забележана на Земјата – 56,7 степени измерени во 1913 година.
Додека 80 милиони луѓе се изложени на топлотен бран од јужна Флорида и брегот на Персискиот залив на југ и југозапад од САД, делови од Нова Англија и области долж средината на Атлантикот се соочуваат со бури и поплави. Најмалку четири лица загинаа во саботата во поплавите во градот Апер Макефилд во Пенсилванија, на околу 30 километри од Филаделфија. Поројни поплави беснеат во последните денови на североистокот на земјата, особено во Вермонт, чиј главен град Монпеље е катастрофално поплавен. Надвор од таа област, синоптичарите предупредија на обилни врнежи од дожд во делови од централниот дел на САД и долината Мисисипи, како и во Источен Тексас, делови од Арканзас и Луизијана и делови од Заливскиот брег.