Зголемувањето на платите во здравството за 10 проценти е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност на состанокот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Самостојниот синдикат на Клинички центар Скопје и Владата.
Покачувањето на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и ФЗОМ ќе работи на усогласување на анексот.
На прес-конференцијата по средбата, на која присуствуваа и лидерите на двата синдикати и премиерот Христијан Мицкоски, тој изрази задоволство од постигнатиот договор.
„Со овој анекс на Колективниот договор успеавме да ги поправиме коефициентите на вработените во здравството. Конкретно, станува збор за корекција на коефициентот 0,233, што во превод значи повисока бруто плата за сите вработени од 3.650 денари или 2.450 денари во нето износ.
Уште подобра придобивка во делот од овој анекс е корекција на плата од 0,364 за медицинските сестри со средно образование и за останатиот средно медицински персонал, што во превод значи 5.700 бруто денари или 3.850 нето денари.
Ова значи и поголема мотивација за нашите работници, а колективниот договор е двонасочен чин и израз на добра волја“, потенцираше Љубиша Каранфиловски, прв човек на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.