Пленковиќ и Голоб за илегалната миграција: Србија и БиХ треба да се усогласат со визната политика на ЕУ

– Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес се состана со словенечкиот премиер Роберт Голоб, со кого разговараше за односите во регионот, спречувањето на илегалната миграција и меѓусебната соработка во повеќе области.

По тет-а-тет средбата и средбата на двете делегации, двајцата премиери потпишаа Договор за прекугранична соработка во обезбедувањето итна здравствена заштита во името на Владата на Хрватска и Владата на Словенија, кој им овозможува на хрватските граѓани да ги користат услугите на словенечката болница во Изола.

Договорот за солидарни мерки за заштита на безбедноста на снабдувањето со гас го потпишаа хрватскиот министер за економија и одржлив развој, Давор Филиповиќ, и словенечкиот министер за животна средина, клима и енергетика, Бојан Кумер.

На заедничката прес-конференција со својот словенечки колега, Пленковиќ рече дека областа на енергетската безбедност меѓу двете земји е важен елемент за инвестирање во контекст на големата енергетска криза присутна во изминатите месеци.

Пленковиќ го изрази своето задоволство од порастот на трговската размена што е на ниво од 7,3 милијарди евра. Во првите четири месеци изнесувала 2,4 милијарди евра што е зголемување за осум отсто во однос на лани.

Двајцата премиери разговарале и за соработката во областа на енергетиката, нуклеарната енергија, како и за транспортните врски, особено меѓу Истра и Словенија и преку Словенија со Италија.

Една од темите на разговорот, која двајцата премиери ја оценија како исклучително важна, е спречувањето на илегалната миграција.

„Тоа е тема што заедно со Украина е политички најважна на ниво на Европската Унија. Сакаме да продолжиме со интензивната соработка меѓу полициите на двете земји, која мора да биде блиска, постојана, континуирана и да придонесе за разоткривање на шверцерите со луѓе, оние што се збогатуваат на туѓа несреќа“, рече Пленковиќ, посочувајќи дека 6.700 хрватски полицајци ќе бидат распоредени на границата со Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.

Пленковиќ го информирал Голоб и за усвоениот Меморандум што хрватскиот министер за внатрешни работи го потпишал со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс, врз чија основа Фронтекс ќе испрати шест експерти во Хрватска во период од шест месеци за да помогнат во враќањето на илегалните мигранти.

Словенечкиот премиер Роберт Голоб ѝ честиташе на Хрватска и за приемот во Шенген зоната и за нејзиниот влез во еврозоната.

„Верувам дека и двете ќе бидат од корист и за словенечките граѓани“, рече Голоб, додавајќи дека отворените граници се клучна вредност на Европа.

Тој рече дека е неопходно Хрватска и Словенија да дејствуваат заеднички во областа на илегалната миграција низ Западен Балкан.

„Словенечката полиција многу добро соработува со полицијата на БиХ, со цел да се спречи и ограничи илегалната миграција. Мислам дека Фронтекс треба да биде повеќе ангажирана во областа на Западен Балкан, колку што е можно поблиску до изворот, во Србија и БиХ“, рече Голоб, додавајќи дека Словенија се залага за политика на отворен дијалог.

Пленковиќ потоа додаде дека еден од начините за спречување на илегалната миграција е да се спречат проблемите и конфликтите во различни делови на светот, од каде што потекнува миграцијата. Друг начин, рече тој, е зајакнување на контролите на надворешните граници на ЕУ.

„Уште еден важен аспект е дека земјите што се во нашето непосредно соседство, како Србија и Босна и Херцеговина, треба да ја усогласуваат својата политика со визната политика на ЕУ, односно дека оние граѓани на некои земји што се ризични од аспект на миграциите, а имаат предуслов да добијат виза за влез во ЕУ, не доаѓаат по пат на безвизен режим со авиони од земјите што се наши соседи, за потоа преку зелената граница да одат кон ЕУ. Таа усогласеност со нашите соседни земји, кои сѐ уште не се во Унијата, за нас е клучна“, рече Пленковиќ.

Како што рече тој, позицијата на Хрватска и Словенија во однос на поддршката на земјите од Југоисточна Европа во нивните реформски напори, особено на патот кон ЕУ, е силна и конзистентна.