Пленковиќ-Курти: Сакаме стабилно Косово и процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина да резултира со заемно признавање

– Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Загреб се сретна со косовскиот премиер Албин Курти, со кого разговараше за односите меѓу двете земји, ситуацијата во северниот дел на Косово, европскиот пат на земјата и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Премиерот Пленковиќ го пречека Курти во Загреб, по што беше одржана тет-а-тет средба на двајцата премиери, како и средба меѓу двете делегации.

По средбата беа потпишани повеќе спогодби, договори и меморандуми, како и обраќање до медиумите.

Пленковиќ рече дека Хрватска и Косово имаат добри економски односи и дека минатата година економската размена достигнала 200 милиони евра. Годинава, како што рече, во првите осум месеци економската размена се приближила до 150 милиони евра, што треба да го надмине вкупниот обем на размена до крајот на годината.

Хрватска и Косово денеска потпишаа договор за социјално осигурување, договор за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи и договор за соработка во заштитата од природни, технички и технолошки непогоди. Потпишан е и Меморандум за разбирање меѓу хрватското Министерство за внатрешни работи, Центарот за форензички испитувања, истражувања и вештачења „Иван Вучетиќ“ и Министерството за внатрешни работи на Косово.

Во Загреб беше потпишан и Меморандум за согласност меѓу хрватското Министерство за внатрешни работи, Дирекцијата на полицијата, Полициската академија „Прв хрватски полицаец“ и косовското Министерство за внатрешни работи, Косовската академија за јавна безбедност за зајакнување на соработката во полето на образованието и истражувањето.

Двајцата премиери разговараа за хрватското малцинство во Косово и албанската заедница во Хрватска. Покрај тоа, тие разговараа и за случувањата во регионот и за европскиот пат на Косово.

„Хрватска силно го поддржува членството на Косово во Советот на Европа, го поддржуваме продолжувањето на дијалогот со Србија. Сметаме дека најголемата, најважната тема, а тоа е прашањето за северно Косово, прашањето за четири општини во северно Косово – Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток се клучни теми за кои премиерот Курти разговара со своите соговорници во Белград и со европските партнери, за да продолжат овие разговори. Ние сакаме мир и стабилност“, рече Пленковиќ.

Пленковиќ се осврна и на последниот напад во Косово, поточно експлозијата на каналот Ибар – Лепенац, нарекувајќи го „терористички“ чин.

„Со загриженост ја следиме ситуацијата. Добро е што косовските власти се во процес на истрага за овој, можеме да кажеме, терористички чин. Неговите последици се насочени кон – ако нема вода, термоцентралата не работи, ако нема термоцентрала, нема струја – што ќе има поголеми последици за функционирањето на општиот живот во Косово. Косовските власти во истражниот процес ги вклучија и меѓународните партнери. Значи, од самиот почеток, тие ги вклучија и претставниците на КФОР и претставниците на европската мисија на Косово заеднички да истражат како се случило и што се случило“, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека овој инцидент не е изолиран случај, и дека му претходеле други два.

„Сакаме стабилно Косово, сакаме процесот на дијалог меѓу Косово и Србија да резултира со нормализација на односите во однос на иднината и меѓусебното признавање и, се разбира, функционирање што би го ставило Косово во позиција да се движи на адекватен начин кон Европската Унија“, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека Косово како меѓународно призната држава е реалност и дека не гледа сценарио во кое таа реалност би се променила.

„Она што е важно за стабилноста на цела Југоисточна Европа е односите меѓу државите кои произлегоа од распадот на поранешна СФРЈ, да се регулираат на структуриран, ефикасен начин со меѓусебно почитување, без конфликт и насочени кон соработката и процесот на европска интеграција. Тоа е целата поента на европската политика и европските перспективи. Без тоа се враќаме во друго време, во друг контекст за кој сум сигурен дека никој со разум, нема апетити“, истакна Пленковиќ.

Косовскиот премиер рече дека Косово и Хрватска споделуваат вистинско пријателство, силно партнерство и здрав сојуз заснован на заеднички демократски вредности, посветеност на мирот и безбедноста во регионот и јасна евроатлантска ориентација.

„Хрватска, со својот храбар пример, со својот народ кој се бореше и пролеа крв за ослободување, е инспирација за сите народи кои се стремат кон слобода, независност, демократија, интеграција и економски развој и благосостојба на нејзините граѓани“, рече Курти.

Одговарајќи на новинарско прашање за актуелната ситуација во Србија, каде се во тек големи студентски протести, и колку ваквиот развој на настаните ќе влијае на дијалогот меѓу Белград и Приштина, Курти констатираше дека „Србија не е демократска држава“.

„Таму не се почитуваат човековите права и правата на малцинствата. За жал, естаблишментот во Србија не верува во политички плурализам. Нема владеење на правото, поради што има толку жестоки студентски протести. Мојот впечаток е дека Србија е само формално република и невозможно е да стане кралство и суштински. Затоа во овој јаз, тие станаа, како што секогаш ги знаевме, паравоена држава. Го праќаат Милан Радојчиќ кај нас да изврши терористички акции, а низ цел Белград тепаат студенти. Ние од историското искуство знаеме како завршува ова, но се чини дека Белград не научил ништо од своето минато“, рече Курти.

Тој нагласи дека Косово сака добрососедски односи со Србија и го повика Брисел да изврши притисок врз Белград да го почитува договорот за нормализација на односите.

„Затоа го имаме бриселскиот договор и тој договор е направен по примерот на Германија во 1972 година, а тоа е де факто меѓусебно признавање. Имаме договор, имаме и договор за спроведување на тој договор, но секоја недела Белград прави различни прекршувања на тој договор и не дозволува негово спроведување. Затоа мислиме дека имаме повеќе од дијалог бидејќи имаме договор. Инсистираме Брисел да изврши притисок врз Белград за да го почитуваат договорот и што е можно поскоро за да го имплементираме, за да можеме да имаме нормализација на односите како две нормални држави. Косово е нормална држава. Имаме истакнат економски раст, имаме демократски напредок, но нашите нормални односи треба да имаат и нормална Србија“, рече Курти.

Најавено е дека Пленковиќ и Курти денеска ќе го отворат и хрватско-косовскиот економски форум на кој ќе учествуваат голем број претприемачи.

Курти денеска треба да се сретне и со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, а посетата на Загреб ќе ја заврши со средба со претседателот на хрватскиот Сабор, Горан Јандроковиќ.

Косовската делегација, предводена од Курти, ја сочинуваат министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечла, министерката за индустрија, претприемништво и трговија Розета Хајдари и министерот за финансии, труд и трансфери Хекуран Мурати.

Како што претходно соопштија од Амбасадата на Косово, Курти ќе разговара и со претставниците на албанската заедница во Загреб.

По Хрватска, Курти ќе отпатува во посета на Словенија.