– Премиерот и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ денеска оцени дека постапките на претседателот Зоран Милановиќ и опозициската Социјалдемократска партија (СДП) се обид за мини државен удар.
– Тоа е обид за мини државен удар, злоупотреба на институциите, целосно отфрлање на Пеѓа Грбин, кој повеќе не го гледам како претседател на СДП, рече Пленковиќ во Сисак на 31-годишнината од ХДЗ на Сисачко-мословачката жупанија, пренесе Бета.
Тој ја оцени како очекувана одлуката на Уставниот суд дека Милановиќ како претседател не може да биде кандидат на претстојните парламентарни избори и кандидат на СДП за премиер.
– Мислам дека претседателот на Уставниот суд беше јасен. Се што кажавме дека беше јасно дека не само што е директно прекршена уставната рамка на улогата на претседателот, туку и самиот Устав, тоа и го повторија, рече Пленковиќ.
Уставниот суд денеска заклучи дека Милановиќ не може да биде кандидат на изборите или да биде предложен за кандидат за иден премиер и на тој начин да учествува во политичка кампања.
– Тоа е неспојливо со неговата уставна положба и овластувања и принципот на поделба на власта, изјави претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ.
Тој рече дека доколку Милановиќ сака да учествува на парламентарните избори на 17 април, мора веднаш да поднесе оставка. Тој исто така се закани и дека во случај на прекршување на предупредувањето, Уставниот суд може да поништи одредени кандидатски листи, па дури и одлуката на претседателот да распише избори.
Малку подоцна во Вела Лука, Милановиќ ги нарече уставните судии „неписмени гангстери“, а нивната одлука „уставен пуч“.
Тој рече дека на крајот ќе биде мандатар за состав на новата влада и хрватски премиер, на легален и пристоен начин, но дека „нема да и каже на таа банда како“ и ги повика граѓаните на обединување против владејачката ХДЗ. Милановиќ неколку пати повтори дека Уставниот суд е под контрола на ХДЗ.