Досега веќе знаеме за катастрофалните ефекти од емисиите на ПМ-честичките во воздухот. Мерењата и статистиките покажуваат дека ние секојдневно го „зачинуваме“ нашиот воздух со најмалку десет пати повеќе загадувачки честички отколку што тоа го правеле луѓето во минатиот век. Исто така, докажано е дека емитираните агенси во воздухот (како што се јаглерод моноксид, азот диоксид, сулфур диоксид и олово) на мала надморска височина ја прават астмата потешка и честа, предизвикуваат рак на белите дробови и претставуваат водечки фактор за кардиопулмонална смрт. На пример, загадувањето на воздухот сега е и водечка причина за смрт во Индија.
Скопје и уште неколку града во нашата земја веќе десетина години имаат
сериозен проблем со загаденоста на воздухот
Токму деновиве кај нас, граѓаните се соочуваат со животозагрозувачка загаденост. Науката, која од сите сфери и аспекти го истражува штетното повеќекратно влијание врз луѓето, преку повеќе студии јасно аргументира дека во големите градови, големото аерозагадување негативно влијае и на однесувањето на луѓето. Со еден збор кажано, загадениот воздух ги прави луѓето агресивни, а маглата е секогаш посакувана од страна на криминалците, кои низ неа како „духови“ ги реализираат замислените криминални дела.
Во една интересна нова студија се аргументира тезата дека „дишењето загаден воздух може да ги направи луѓето агресивни“!.
Имено, ова е заклучокот од низата студии направени минатата година од научниците на Државниот универзитет на Колорадо. Тимот експерти утврдиле силна поврзаност помеѓу краткотрајното изложување на загаден воздух и агресивното однесување, што кај луѓето се манифестирало со искажување навреди, но и реализирање насилен криминал низ Соединетите Американски Држави.
Заклучокот од низа студии направени токму на оваа тема вели дека дишењето загаден воздух може да ги направи луѓето агресивни.
Според истражувањата направени од научниците на Државниот универзитет на Колорадо, постои силна поврзаност помеѓу краткотрајното изложување на загаден воздух и агресивното однесување. Тоа кај луѓето се манифестирало со искажување навреди, но и со манифестирање насилен криминал.
Истражувачите анализирале многу збирки на податоци, меѓу кои е и дневната криминална активност, која ја следеле преку националниот систем за пријавување инциденти, управуван од Федералното биро за истраги; следење на дневното загадување од 2006 до 2013 година од системот на Американската агенција за заштита од загадување и користење податоци на дневна основа за шумски пожари од системот за следење на атмосферата.
Загадувањето вообичаено се мери преку концентрациите на ПМ 2,5 во озонот. Дури 83 проценти од насилните однесувања што се случиле се наоѓале во базата за криминално однесување на ФБИ. Во студијата е анализирано дали тие криминогени дејства се случиле во домовите или надвор од нив. Истражувачите откриле дека 56 проценти од насилното однесување и 60 проценти од насилствата се случиле во домашни услови, што е показател дека домашното насилство се зголемува во услови на загаден воздух.
Истражувањето покажува дека изложеноста на луѓето на десет микрограми 2,5 честички на кубен метар е поврзано со зголемување на насилното однесување за 1,4 процент. Научниците исто така откриле дека секојдневната изложеност на загаден воздух го зголемува домашното насилство за 1,15 процент.
– Зборуваме за насилство што не мора да биде физичко – истакна Јуда Бајхам, еден од авторите на истражувањето.
Според него, кога луѓето се изложени на поголемо загадување на воздухот стануваат поагресивни, па така, доколку за некои работи биле толерантни во услови кога воздухот не бил загаден, кога се изложиле на загадување, нивото на толеранција им опаднало.
Истражувачите ги зеле предвид и временските услови што би можеле да дадат објаснување за ваквото однесување на луѓето. Предвид ги зеле не само временските услови туку и топлотните бранови, нивото на влажност во воздухот, врнежите, но и многу други фактори.
Уште едно истражување со слични резултати
Тим научници од Универзитетот во Минесота направиле слично истражување и нивните резултати не се разликуваат од овие на колегите од Универзитетот од Колорадо. Во нивното истражување користеле податоци од различни сектори и со различни статистички техники, но резултатите биле речиси идентични.
Ова истражување користело податоци поврзани со загадувањето на воздухот со поддршка од епидемиолозите, кои се обидувале да ги пронајдат врската и влијанието на загадениот воздух врз здравјето на луѓето. Загадувањето на воздухот било толку големо што кај еден од истражувачите предизвикувало чувство на фрустрација. Токму тоа и била причина за почнување ваков вид анализа.
Лидерот на истражувањето, Џес Букхард, истакна дека сакал да утврди дали дишењето загаден воздух влијае на однесувањето на луѓето. Моделот на загадување што го направиле научниците со точни и детални мерења на ПМ-честичките дале фасцинирачки, па дури и застрашувачки резултати.
– Кога има сѐ поголемо загадување на воздухот, специфичното криминално однесување расте, а тоа е домашното насилство – нагласи Џеф Пирс, еден од авторите на истражувањето.
Економистите што биле дел од истражувањето успеале да пресметаат дека со редуцирањето на ПМ 2,5 за десет проценти, би заштедиле 1,1 милион долари трошоци предизвикани од криминалот на годишно ниво, што всушност се трошоци предизвикани и настанати како последица од загадувањето на воздухот.
Веднаш по ова истражување, научниците почнале да се занимаваат со импликациите на загадениот воздух врз играчите на шах, што всушност ќе значи дека резултатите ќе покажат дали загадениот воздух влијае на бистрината на умот кај луѓето.
Смогот и маглата сојузници на криминалците
Густата магла и смог и она кога „прст пред око не се гледа“ се најдобредојдени за криминалците. Ако загаденоста влијае на агресивното однесување на луѓето, тогаш густата магла придонесува за зголемување на „златните услови и околности“ за извршување разни кривични дела од страна на криминалците.
Науката со свои истражувања покажала дека на секој извршител на кривични дела (на пример, на провални кражби) што сака да влезе во нечиј дом да краде, да обие возило или, пак, да изврши какво било дело спротивно на законот, маглата и смогот му се добредојдени, бидејќи влијаат на видливоста. Маглата и смогот се моќен сојузник за криминалците и во комбинација со ноќта, според статистичките истражувања, тие се идеална шанса за реализација на секакви форми на кривични дела.