Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, потврди дека од Државниот санитарен и здравствен инспекторат денес е побарано да изврши вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Кавадарци и Детската клиника во Скопјe, во врска со смртта на тригодишно дете од Кавадарци.
„Да, утре дефинитивно ќе организираме инспекција“, одговорија попладнево за МИА од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во врска со смртта на тригодишно дете од Кавадарци, чии родители изјавија за Македонската новинска агенција дека бараат истрага за евентуално постоење на медицинска грешка.
Родителите на момчето од Кавадарци, кое почина вчера наутро во скопските клиники, апелираат до надлежните органи во земјата да истражат евентуална медицинска грешка во врска со смртта на нивното дете.
„Утрото, сопругата ме разбуди со детето во раце, исцрпена, и ми рече брзо да станам бидејќи момчето не се чувствуваше добро. Првично побаравме медицинска помош во Кавадарци, но ми се чини дека нашата ситуација не беше сфатена сериозно. Затоа бараме да се формира комисија која ќе ги утврди точните околности во кои настапила смртта, тој го загуби животот во наши раце“, рече таткото Тони Стојанов.
Како што претходно објави полицијата, тригодишното дете било донесено мртво во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопјe.
Полицијата информираше дека во службен разговор, неговата мајка Т.Ѓ.С. (36) од Кавадарци изјавила дека околу 3 часот наутро го однела во Општата болница Кавадарци, од каде што бил препратен во Клиниката за детски болести при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопјe, каде што била констатирана смрт во 8:45 часот.