Поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, во врска со пожарот во Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири лица за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази, соопшти Републичкото јавно обвинителство.
Станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две фирми, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишен раководител на подружница и 59-годишен вработен во правно лице. Воедно се испитува потенцијалната одговорност и на други лица.
Во текот на денот јавниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање докази, по кои сè уште постапуваат надлежните органи. Се очекуваат и резултатите од мерењата на загадувањето што ги спроведува Министерството за животна средина.