Повеќето Јапонци се противат на зголемувањето на даноците за зајакнување на одбраната

Помалку од еден од пет испитаници го поддржуваат повикот на премиерот Кишида трошоците за одбраната да се финансираат од даноци.

Околу 80 отсто од испитаниците во истражувањето во Јапонија се противат на можното зголемување на даноците за да се финансира зајакнувањето на одбраната на земјата, и покрај тоа што повеќето се загрижени за потенцијалната кинеска воена акција против Тајван, јавува Анадолија.

Истражувањето, спроведено во март и април од локалната новинска агенција Кјодо, покажува дека јапонското јавно мислење не сака да ги зголеми трошоците за одбрана преку даноци, иако повеќето се за зајакнување на одбранбените способности на земјата поради нестабилното безбедносно опкружување.

Во истражувањето учествувале 3.000 возрасни мажи и жени во Јапонија.

Само 19 отсто го поздравија повикот на премиерот Фуми Кишида дел од растот на трошоците за одбрана да се финансираат со даноци по зголемувањето на трошоците за повеќе од 50 отсто во декември на 43 трилиони јени (319 милијарди долари) во текот на пет години, почнувајќи од фискалната 2023 година.

Околу 60 отсто од испитаниците рекле дека петгодишниот план „не е соодветен“, додека 88 отсто сметаат дека објаснувањето за планот „не е доволно“.

Околу 48 отсто велат дека причината поради која не одобруваат дополнително зголемување на даноците е тоа што населението не може да поднесе дополнителни даночни оптоварувања.

За можноста Кина да преземе воена акција против Тајван, 53 отсто рекле дека се „крајно загрижени“, а 36 отсто рекле дека се „донекаде загрижени“.