– Повеќе од половина од хрватските граѓани сметаат дека членството на земјата во НАТО не е доволна гаранција за националната безбедност во случај на безбедносна закана и воена криза, покажува истражување на Хрватската радио телевизија.
Вкупно 56,8 отсто од испитаниците рекле дека Хрватска треба дополнително да ги зајакне сопствените одбранбени капацитети, додека 32 отсто од нив сметаат дека членството во Алијансата е доволна гаранција.
Одговарајќи на прашањето како треба да се зголемат одбранбените капацитети на земјата, 25,5 отсто од Хрватите одговориле дека треба да се воведе задолжителна воена обука за сите мажи, додека 20,3 отсто од испитаниците сметаат дека решението е зголемување на професионалниот состав на хрватската армија.
Останатите соговорници како решение го навеле зајакнувањето на копнената армија, воздухопловните сили, морнарицата, како и проширувањето на резервниот состав на хрватската армија.
Во врска со состојбата во светот, 77,4 отсто од Хрватите изјавиле дека ситуацијата е „значително или делумно полоша“ од минатата година, додека само три отсто од испитаниците сметаат дека ситуацијата е подобра.