Повеќе од 1.000 лица ќе се почнат со работа в јануари

Министерот за здравство, Арбен Таравари, нагласи дека наскоро треба да се објави и списокот на 315 специјализанти кои ќе одат на специјализации и дека меѓу нив има 15 студенти по медицина кои покажале најдобро знаење.

Најавените вработувања во здравството, кои се над 1.000, го поминале владиниот филтер и добиле согласности од Министерство за финансии, а конкурсите ќе се распишуваат во јануари, информира министерот за здравство, Арбен Таравари, кој денеска беше во посета на Општата болница во Гостивар.

– Процедурите во Влада поминаа, сега останува на директорите. На оние вработени кои имаа договори, тие им се продолжени за 3 месеци за да не бидат отпуштени. Се работи за голем опфат од околу 1.200 лица од среден медицински персонал и тие мора да поминат низ тестирања. Очекувам тоа да биде готово до средината на јануари – рече Таравари.

Тој нагласи дека наскоро треба да се објави и списокот на 315 специјализанти кои ќе одат на специјализации и дека меѓу нив има 15 студенти по медицина кои покажале најдобро знаење. Таравари ја оцени динамиката со вработувања како силна и најави дека ќе продолжи, а притоа напомена и дека ваков обем на вработувања од над 1.500 немало досега.

– Мора да ги разгледаме и буџетите на здравствените установи за да видиме каде треба да се инвестира, но сепак фокусот ќе биде на човечките ресурси бидејќи не ни требаат нови болници и опрема без здравствени работници – потенцира Таравари.

Министерот за здравство, на новинарско прашање околу надминувањето на проблемот со потпорниот ѕид блиску до детската клиника во Скопје, одговори дека проектот е изготвен во соработка со општина Центар, со чиј градоначалник имаат одлична комуникација.

– За жал, со градоначалничката на Град Скопје немаме баш добра комуникација, а станува збор за сериозна инвестиција. Тој пат треба да се реконструира и да се направи комплетно нов ѕид. За тој проект во 2024 година немаше пари, а се надевам дека нареднава ќе се надмине тој проблем и нема да биде тесно грло – рече Таравари.