Стотици бомби од Втората светска војна се пронајдени при работа на местото на поранешниот аеродром Елинико во Атина.
Градоначалникот на регионот Елинико-Аргируполи, Јанис Константатос, на прес-конференција рече дека во контролирани експлозии биле уништени 314 бомби, кои Германците ги складирале за време на Втората светска војна.
Тој наведе дека бомбите се наоѓале два метри под поранешните објекти на Понтичкиот сојуз, градинки и спортските објекти во внатрешноста на поранешниот аеродром, како и соседните објекти за Олимписките игри, односно на места каде секојдневно поминувале илјадници луѓе, пренесе грчкиот јавен сервис ЕРТ.
Според него, бомбите биле пронајдени при реконструкција на стариот аеродром во Атина.
Аеродромот Елинико се наоѓа на само неколку километри од центарот на Атина, работеше до 2001 година, а беше затворен по изградбата на меѓународниот аеродром Елефтериос Венизелос за Олимписките игри во 2004 година.
На местото на поранешниот аеродром е предвидена изградба на станбен комплекс, комплекс за забава, казино, хотел и парк, како и облакодер висок речиси 200 метри.
Тоа е најголемиот инвестициски проект во Грција вреден 8 милијарди евра и еден од најголемите проекти за урбан развој во Европа.