Повеќе од 800 милиони возрасни луѓе во светот страдаат од дијабетес

Повеќе од 800 милиони возрасни луѓе ширум светот имаат дијабетес – двојно повеќе од претходно претпоставувни бројки, а повеќе од половина од нив на возраст од 30 и повеќе години не се лекуваат, покажа новото истражување.

Во 2022 година, во светот имало околу 828 милиони луѓе на возраст над 18 години со дијабетес тип 1 и тип 2, според студијата објавена во списанието Лансет (The Lancet).

Кај возрасните над 30 години, 445 милиони или 59 отсто од нив не добиваат третман, нагласуваат авторите.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно процени дека околу 422 милиони луѓе ширум светот имаат дијабетес, хронична метаболичка болест која вклучува покачени нивоа на шеќер во крвта што може да го оштети срцето, крвните садови, нервите и другите органи доколку не се лекува.

Глобалната стапка на дијабетес се удвои од 1990 година од околу 7 отсто на 14 отсто, се вели во студијата, главно поттикната од зголемувањето на случаите во земјите со низок и среден приход.

Но иако има многу повеќе случаи во тие земји, стапките на третман едвај се зголемија, велат авторите, додека работите се подобрија во некои земји со повисоки приходи, што доведе до проширување на јазот во третманот.

Во делови од субсахарска Африка, само 5 до 10 отсто од оние за кои се проценува дека имаат дијабетес добиле третман, рече Жан Клод Мбања, професор на Универзитетот Јаунде Први во Камерун. Лекувањето на дијабетес, без разлика дали со инсулин или лекови, може да биде скапо.

„Голем број луѓе се изложени на ризик од сериозни здравствени компликации“, рече тој.

Истражувањето е изработено од NCD Risk Factor Collaboration во соработка со Светската здравствена организација и е прва глобална анализа која вклучува проценки за стапките на болести и третмани.

Се заснова на повеќе од 1.000 студии кои опфаќаат повеќе од 140 милиони луѓе, велат авторите.

Иако студијата не ги одвојува случаите на дијабетес тип 1 и тип 2, претходните докази сугерираат дека кај повеќето возрасни е дијабетес тип 2, кој е поврзан со дебелината и лошата исхрана, велат авторите.