– Повеќе турски спортски екипи претрпеа човечки загуби во катастрофалниот земјотрес што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија каде бројот на загинати драматично расте и се искачи на повеќе од 11.000 луѓе, јави денеска агенцијата Анадолија.
Од редовите на турските фудбалски прволигаши Атакаш Хатајспор и Газиантеп, како и од второлигашот Малатијаспор, има загинати и исчезнати.
Иако дел од турските медиуми објавија вчера дека спасувачките екипи жив го извлекле фудбалерот на Хатајспор, Кристијан Атсу, неговиот тренер Волкан Демирел, денеска ја демантираше информацијата. Потврдено е дека клупскиот директор Танер Савут е затрупан под урнатините речиси 60 часови од земјотресот што во понеделникот наутро го погоди југоистокот на Турција и северот на Сирија.
Атсу и Савит биле сместени на деветти кат во зграда во градот Хатај со уште неколку други луѓе.
„Се уште нема вести за Атсу и Савут. Зарем не би споделил со вас информација дека се пронајдени? Ве молам да не објавувате дека некој преживеал додека не добиете потврда. Луѓето имаат семејства, патат, а болката се зголемува. Спасувачите работат ден и но. Се надевам дека двајцата ќе бидат пронајдени“, им рече Демирел на турските новинари.
Екипите на Хатајспор и Газиантеп се евакуирани од погоденото подрачје.
Голманот на Малатијаспор, Ахмет Ејуп Туркаслан, загина во земјотресот.
Играчот на Кахраманмарас, кој се натпреварува во пониските фудбалски дивизии, Истикал Спор, исто така, е меѓу загинатите, додека негов соиграч сè уште е заробен под урнатините, додека трет е пренесен на интензивна нега.
Турската одбојкарка од клубот Газиантеп, Бетул Чобан Чакир, како и нејзиниот сопруг Бедретин Чакир, исто така, се меѓу загинатите, како и уште еден одбојкар од турски нисколигаш.
Француски, косовски и узбекистански борачи, кои настапуваа на турнир во Кахраманмарас, се евакуирани на безбедно, но се верува дека неколкумина турски борачи се заробени под градските урнатини.
Турската кошаркарска репрезентативка Нилај Ајдоган сè уште е заробена под урнатините во провинцијата Малатија.
Телевизијата НТВ јави дека 15 спортисти – 11 одбојкарки, кои настапуваат во втората лига и пет фудбалери со инвалидитет – се заробени под урнатините на хотел во провинцијата Малатија.
Во акција за собирање средства за спасување, турскиот фудбалер од редовите на Аталанта, Мерих Демирал, објави на аукција потпишан дрес од Кристијано Роналдо. Највисоката понуда изнесуваше над 14.000 евра во средата.
„Целиот приход од аукцијата ќе биде искористен во погодената зона“, објави Демирал.