Повици за достоинствено чествување на Делчев, за Гир настанот е можност за дијалог и меѓусебно разбирање меѓу Скопје и Софија
Во Скопје течат подготовките за одбележување на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во пресрет на одбележувањето, вчера упати апел за достоинствено чествување на годишнината, порачувајќи дека секој поединец ја носи својата лична одговорност за заедничката безбедност и за демократско однесување. Одлуките за тоа дали некому ќе му биде забранет пристап на чествувањето на Делчев во црквата „Св. Спас“, тој вели дека ќе зависи од анализите што се прават и од податоците со коишто располагаат, а се во функција на обезбедување мирно и достоинствено чествување на настанот. Според него, утре земјава мора да покаже национално единство. Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, изрази надеж дека овој настан е можност за дијалог и зголемено меѓусебно разбирање и почит меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Министерството за внатрешни работи синоќа ги демантираше и информациите дека за безбедноста во сабота кога ќе се одбележува 151-годишнината од раѓањето на Делчев ќе бидат ангажирани бугарски полицајци. Претходно, Спасовски во однос на понудата од Главниот комесар на бугарското МВР Станимир Станев дека Бугарија може да обезбеди помош во полицајци ако има такво барање од македонското МВР, кажа дека нема потреба за тоа и оти македонската полиција има капацитети кои што гарантираат стабилност и безбедност. МВР, како што посочи Спасовски, е подготвена во целост не само за овој, туку и за кој било настан и пригода да го сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните.
Во црквата „Св. Спас“ ќе им биде дозволен пристап на сите делегации кои најавиле дека сакаат да оддадат почит. Досега, како што вчера изјави Спасовски, нема најава за присуство на официјална делегација од Бугарија, а за тоа дали ќе им биде дозволен влез на Ангел Џамбаски и Коста Костадинов, одлуката, како што рече, ќе се носи во вистинско време.
Во однос на најавите на претседателот на Здружението „Фондација Македонија“ Виктор Стојанов дека во сабота во Скопје ќе дојдат околу 150 лица, Спасовски рече дека се разменуваат податоци со колегите од Бугарија.
– Клучно за нас ќе биде дали имаат намера било какви структури кои што сакаат да се организираат да предизвикуваат проблеми да изразуваат непочит кон граѓаните, кон државата и врз основа на тоа ќе се носат одлуките така што сите опции се отворени и впрочем постојат и законски основи за тоа. Опциите ќе зависат во основа од анализите кои ги правиме сите ние во штабот врз основа на прибрани податоци и информации и на крајот одлуката треба да биде во функција на она што претходно го говорев, мирно достоинствено чествување со кое што ќе покажеме пред светот дека знаеме да ја сочуваме стабилноста и дека знаеме со посебна почит да празнуваме денови кои се важни за нашата историја, подвлече Спасовски на гостувањето на националниот сервис.
Според Спасовски, на 4 февруари Северна Македонија мора да покаже национално единство.
– Мислам дека на 4 февруари после сите подигнати тензии, Северна Македонија мора да покаже национално единство. Да покажеме дека сме едно и сплотени кога станува збор за нашите национални интереси. Ако тогаш го покажеме, нема никој кој може да не загрози и нема сила којашто може да биде со пропаганда посилна од силата на граѓаните и на народот коишто сакаат да ги остварат стратешките цели, рече Спасовски за дневникот на телевизија „Сител“.
И евроамбасадорот Дејвид Гир се надева дека овој настан е можност за дијалог и зголемено меѓусебно разбирање и почит меѓу Северна Македонија и Бугарија.
– Ова беа тешки неколку недели, но дури и во тој период, значајно е дека имаше постојани контакти меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што добрососедските односи се во интерес на сите. Видовме контакти на ниво на премиери, министри за надворешни работи, внатрешни работи, да ги споменам како пример. Тоа е духот кој треба да се запази во ова одбележување, рече Гир завчера во интервју за ТВ Телма.
Апел за достоинствено одбележување на годишнината и да не се дозволи ескалација на тензиите, во вторникот упатија и поранешниот бугарски претседателот Петар Стојанов и потомци на познати личности по потекло од Македонија, кои оценија дека провоцирањето на судири меѓу граѓаните на двете земји би претставувало „неприфатливо сквернавење на споменот на Гоце Делчев“.
Додека течат подготовките за одбележување на годишнината од раѓањето на Делчев, бугарското Собрание вчера усвои Декларација, во којашто, како што се вели, ја осудува „антибугарската реторика во Северна Македонија“. Бугарските пратеници едногласно со 185 гласа „за“ им наложија на македонските институции да донесат системски мерки за да запре говорот на омраза врз Бугарија во земјава. Во декларацијата се осудува, како што велат „злосторството направено врз Пендиков и за одлуките за ограничување на дејноста на бугарските здруженија. Според нив, „ако со ескалацијата на антибугарската кампања се загрози процесот на менување на Уставот, тоа ќе се одрази и врз интеграцискиот пат на Северна Македонија“.
На ова синоќа реагираше македонското МНР, кое со жалење констатира дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности во Република Северна Македонија“ не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.
-Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји, се оценува во реакцијата на македонското МНР.
По однос на содржината на декларацијата, од МНР подвлекуваат дека Северна Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности, покажала дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Како што се наведува во соопштението од МНР, со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи.
По повод чествувањето во сабота најавено е повеќе делегации да положат цвеќе на гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Според најавите, почит на великанот на македонската револуционерна борба ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и претставници на повеќе други институции и политички партии.
Во пресрет на чествувањето, кое е оквалификувано како настан од висок ризик, видливо е засилено полициско обезбедување околу црквата „Свети Спас“. Од МВР информираа дека за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улица „Прохор Пчински“, а дополнително во сабота ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на улицата „Лазар Личеноски“.
Премиерот Димитар Ковачевски уште минатата недела изјави дека МВР ќе ги преземе сите мерки согласно законите и Уставот, чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев да мине на достоинствен и мирен начин и дека ќе биде гарантирана безбедноста на сите граѓани во државата. Ковачевски во петокот имаше и телефонски разговор со неговиот бугарски колега Галаб Донев, на кој двајцата премиери се заложија за мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Делчев.
Средба околу одбележувањето на овој настан имаа и Спасовски и неговиот бугарски колега Иван Демерџиев, кој во понеделникот беше во Скопје. Двајцата порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето на раѓањето на Делчев и дека полицијата ги презема сите потребни мерки.
-Во услови на малку зголемени тензии, различни најави за нарушување на јавниот ред и мир, сакаме да упатиме јасна порака дека нема да биде дозволен никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев, изјави тогаш Спасовски.
Демерџиев, пак, најави дека нема да се дозволи да бидат предизвикаат какви било провокации или да дојде до несакани настани. – Да не дозволиме некои луѓе да се обидат да го распалат огнот, каде што го нема. Целта е да се одржи чествување на еден великан Гоце Делчев, а не да биде центар и место каде што ќе настанат радикални појави, изјави Демерџиев.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Работел како учител во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО бил ангажиран на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ТМОРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на Организацијата во Софија. Бил убиен на 4 мај во 1903 од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.