ПОГЛЕДНЕТЕ ВО КАКОВ СТРАВ ЖИВЕАТ МЛАДИТЕ РУСИ – Владимир Путин го смени клучниот закон за регрутирање, луѓето во страв: “Ако одам на забар, ќе завршам во Украина!“

Живеам во состојба на постојан страв. Не можам да планирам ништо“, изјавил за BBC 27-годишниот Питер, продавач кој живее во Санкт Петербург. Ова младо момче од Русија, имено, сега е во опасност да биде повикан да се бори како дел од украинската војна.

Кон крајот на јули, Русија ја зголеми максималната возраст за регрутирање на војници за плус три години, проширувајќи го бројот на мажи кои можат да бидат повикани на служба. Споменатиот Питер е еден од милионите погодени од оваа промена.

Претходно, сите здрави мажи во Русија на возраст меѓу 18 и 27 години мораа да отслужат една година задолжителен воен рок, а регрутирањето се вршеше два пати годишно.

Со новата измена на законот, сега можат да бидат поканети сите мажи помлади од 30 години.

Оваа година требаше да земам хипотека и да купам стан за нашето семејство. Со сопругата разговаравме за плановите, а сега се остана на чекање. Од следниот јануари може да бидам повикан на служба и да ме испратат во Украина. Јас не сакам да одам во војска, не сакам да учествувам во оваа војна и да умрам за туѓи цели“, рекол Питер на новинарите на BBC, а потоа истакнал дека татко му го поддржува Владимир Путин и затоа едвај зборуваат од почетокот на инвазијата.

Рускиот парламент усвои и закон со кој значително се зголемуваат казните за оние кои нема да се појават во канцеларија за регрутирање откако ќе бидат повикани на воена служба.

Тие можат да бидат казнети до 30.000 рубли (околу 290 евра) кога законот ќе стапи на сила на 1. октомври. Тоа е 10 пати повеќе од сегашната максимална казна.

Минатата есен, кога Владата најави мобилизација на 300.000 резервисти, десетици илјади мажи ја напуштија Русија. Сега официјалните лица воведоа нов закон со кој им забранува на регрутите да ја напуштат земјата откако ќе добијат известување за мобилизација.

Човек по име Алекс, кој има 30 години и работи во фабрика во Москва за новинарите на BBC рекол дека неговата позиција се смета за критична, па му ветиле документ кој му дава имунитет од воен рок.

Пред две недели одеднаш почнав да добивам бројни повици и пораки од воената канцеларија. Ми велеа дека морам да дојдам и да се изјаснам дека сум имун на мобилизација“, изјавил тој за BBC.

Се сомневав, но на крајот решив да одам“, кажал тој.

На негово изненадување, војниците почнале да му велат дека мора да е вистински маж и да не се крие зад „хартии“ (документи).

Потоа, како што раскажал тој за BBC, еден од офицерите му ги зел документите и ставил печат со кој Алекс се обврзува да оди во војска во случај на мобилизација, на што, тој се обидел да протестира.

Офицерот се намурти и ми кажа дека татковината дала многу и дека луѓето се родени да бидат војници. Затоа сега морам да бидам подготвен да се борам и да умрам за татковината“, рекол тој и додал: „Реков дека не сакам да се борам или да умрам – сакам да ја видам ќерка ми како расте и живее во мир. Ме потсети дека ако не се појавам, би можел да добијам до 15 години затвор“.

Во април, руските пратеници донесоа друг закон со кој се дозволува поканите да се доставуваат он-лајн наместо лично, со што значително се зголемуваат шансите да се најдат оние кои обидуваат да избегнат да се приклучат на војската.

Алекс рекол дека сега се плаши дека Владата ќе го следи каде и да оди: „Се плашам дека и да одам на забар, може да ме фатат и да ме испратат во војна. Мојата вознемиреност достигна максимално ниво. Се трудам да изгледам смирено за да не ги вознемирувам сопругата и ќерка ми, но тие сепак ме гледаат како се борам“.

На почетокот на инвазијата, рускиот претседател Владимир Путин вети дека регрутите нема да учествуваат во активна борба. Сепак, постојат докази дека барем некои регрути биле распоредени да се борат во Украина во повеќе од една прилика.

Руската служба на BBC потврди дека во изминатите 17 месеци од инвазијата биле убиени најмалку 57 регрути. Во моментов, стотици регрути се користат за чување на руско-украинската граница.

Нашите момци се распоредени на границата со Украина. Некои веќе загинаа, други се ранети“, кажала зежна по име Валентина, чиј 19-годишен син минатата есен бил регрутиран во Армијата и испратен во регионот Брјанск, кој граничи со Украина.

Таму постојано летаат проектили, руските позиции постојано се гаѓаат со беспилотни летала. Дали е ова навистина погодна задача за регрутите ? Тие речиси немаат обука. Каде се граничарите и професионалните трупи ?“, прашала јавно Валентина, која напишала и бројни жалби до воените службеници и до обвинителството, но не добила суштински одговор.

Се верува дека Русија претрпе големи загуби во речиси една и пол година од борбите, но Министерството за одбрана на Русија не сака да ги објави официјалните бројки.

Независната истрага на руската служба на BBC, заедно со повеќе независни руски служби, ги потврдија имињата на повеќе од 29.000 руски борци кои биле убиени за време на инвазијата.

Ова ги вклучува и руските војници и поединци кои се борат за платеничката група Вагнер. Ова е минималната бројка за вкупните руски воени загуби, но вистинската бројка е веројатно најмалку двојно поголема.