Иако Усеин Болт ги освои сите свои бројни медали на трките на 100 и 200 метри, во помладите категории исто така многу ветуваше во трката на 400 метри. Најбрзиот спринтер на сите времиња го постави рекордот У-17 на 400 метри во 2002 година, кога трката ја истрча за 47,33 секунди.
Тој рекорд остана до четврток. Тој беше соборен од 16-годишниот сонародник на Болт, Никикој Брамвел, кој ја истрча истата делница за 47,26 секунди на Игрите на Карибите.
,,Неверојатно е чувството да се собори рекордот. Го бркам од минатото лето и навистина е прекрасно чувството што успеав да го достигнам”, изјави младиот Јамајканец по трката.
Брамвел е голема атлетска надеж од Јамајка и се очекува да постигне голем успех во сениорската кариера. Да додадеме дека најдобриот резултат на Болт на 400 метри беше 45,28 секунди, додека светскиот рекорд го држи Јужноафриканецот Вејд ван Никерк, кој оваа делница ја истрча со време 43,03 на Олимписките игри во Рио де Жанеиро.