Погубување во Алабама со спорен метод – азотна хипоксија

Во американската држава Алабама, во четврток, на 23 октомври, маж осуден за убиство беше погубен со употреба на контроверзен метод наречен „азотна хипоксија“, соопшти Канцеларијата на државниот обвинител на Алабама.

Ентони Тод Бојд (57) беше погубен во затворот Атмор Сити за убиството на Грегори Хагули во 1993 година. Според обвинителството, Бојд и неговите соучесници го киднапирале Хагули поради долг од 200 долари поврзан со кокаин. Потоа жртвата била однесена на бејзбол терен, полеана со бензин и изгорена додека била врзана за клупа.

Бојд беше осуден за убиство од тешка телесна повреда во 1995 година и осуден на смрт. Неговата егзекуција беше одложувана речиси три децении, но беше извршена во четврток откако Врховниот суд на Соединетите Американски Држави одби да интервенира.

Според списанието „Пипл“, Бојд ја негирал вината во своите последни зборови, пренесува „Ју-Ес-Еј Тудеј“ .

„Само сакам повторно да кажам – не убив никого, не учествував во убивањето на никого. Сакам сите да знаат дека во оваа земја нема правда“, рече Бојд.

Државниот обвинител Стив Маршал по егзекуцијата изјави дека Бојд „никогаш не презентирал никакви докази што ќе покажат дека поротата погрешила“.

„Ју-Ес-Еј Тудеј“ објави дека Бојд претходно побарал егзекуција со стрелачки вод, наместо азотна хипоксија, иако 2018 година беше првпат тој самиот да го побара овој метод

Судијките на Врховниот суд, Елена Каган, Соња Сотомајор и Кетањи Браун Џексон, се спротивставија на употребата на азотен гас. Во своето несогласно мислење, судијката Сотомајор напиша дека Бојд „барал наједноставна форма на милост, да умре со стрелање, што би го убило за неколку секунди, наместо болното задушување кое може да трае и до четири минути“.