– Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) обезбеди опрема и обука за семејствата што се занимаваат со пчеларство во различни региони на Северна Македонија.
Мехмет Бајрак, координатор на ТИКА – Скопје, и пчеларите присуствуваа на церемонијата за доделување пчеларска опрема што се одржа во близина на градот Градско во рамките на Проектот за развој на пчеларството во Северна Македонија што ТИКА го започна во 2007 година.
Во изјавата за медиумите Бајрак потсети дека од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во 2008 година проектот е прикажан меѓу најдобрите проектни практики организирани во рамките на Програмата за соработка југ-југ.
Зборувајќи дека поради успешните резултати проектот го прошириле со вклучување и на други градови и села во програмите што ги спровеле досега, Бајрак истакна:
„Досега им дониравме кошници за пчели и опрема на речиси 300 семејства во Северна Македонија. Денес нови семејства се вклучуваат во нашиот проект. На 30 семејства што ги избравме од подрачјето на Ресен, Центар Жупа, Пласница, Пагаруша, Држилово, Радовиш и Неготино денес ќе им доделиме вкупно 300 кошници за пчели и потребна опрема за производство на мед.“
Посочувајќи дека семејствата што се дел од Проектот за развој на пчеларството во исто време и го консумираат медот што го произвеле и даваат придонесес во домашниот буџет со пласман на медот на локалниот пазар, Бајрак истакна дека ТИКА на тој начин дава придонес во регионалниот и руралниот развој.
Наведувајќи дека проектите што ги спровеле во областа на земјоделството и сточарството во Северна Македонија не се ограничени само на поддршка на пчеларството, Бајрак рече дека основале оранжериски претпријатија за 1.000 семејства низ земјата и на 600 семејства им донирале садници сливи, калинки, ореви, цреши и расад јагоди.
Исуф Јакупи од Скопје, кому му се доделени кошници за пчели и опрема, рече дека од неодамна почнал да се занимава со пчеларство и истакна:
„Голема е поддршката што ја добиваме од Турција, од ТИКА. Денес ни доделија по 10 кошници за пчели и многу добра опрема составена од различни материјали наменети за развој на пчеларството. Како и секогаш, ТИКА повторно е на страната на пчеларите и земјоделците. Ѝ се заблагодаруваме на Турција, ѝ се заблагодаруваме на ТИКА.“
Неџметин Асан од Централна Жупа рече дека ТИКА им понудила добри услови и додаде: „Сам направив истражување за пчеларството. Допрва почнувам. Ја завршивме обуката. Ќе видиме што ќе добиеме.“